Новиот тренд за романтични врски е „Благослови и пушти“

Крајно корисен. Нормално, почнува на ТикТок.

Веројатно треба да се помириме дека сите културолошки промени во иднина ќе доаѓаат од ТикТок, ама ај ќе видиме. Овој пат е видео каде што една Лили Вомбл, дејтинг коуч, објаснува дека кога ќе „благословиш и ослободиш“ човек со кој што се гледаш, значи му посакуваш добро и го пушташ да си оди.

„Му кажуваш дека не ти одговара, за да можеш да одлучиш што сакаш и да продолжиш понатаму. Кога ќе си дадеш дозвола да знаеш што ти одговара, отвораш простор за тие луѓе што ти одговараат, а и на тој што го ослободуваш истовремено му правиш простор за тој да најде што му одговара.“

Во основа се работи за „дозвола“ да го сакаш тоа што го сакаш за твојата иднина и да ги ослободиш сите што не се на иста бранова должина со тоа, и во романтичен контекст, и на сите други полиња.

И без разлика што звучи така, тоа „благослови“ не е саркастично, иако така ќе почне да се користи, напротив - навистина им посакуваш среќа на тие што ќе ги ослободиш.

Како што Вомбл гледа на ова, благослови и ослободи е противотров на многу непријатности во светот на љубовните врски каде што досега имавме гоустинг, нејаснотии, љубовни бомбардирања и слично.

Секако, постои опцијата дека наскоро-бившиот партнер нема да го прими сето ова добро, но психолозите велат дека вие не сте одговорни за реакцијата на другите. Одговарате само пред себе и ја браните сопствената вистина.

Главно, пораката е дека е океј да се повлечеш од нешто што не го бива, и особено е важно да знаат жените дека можат да го направат тоа. Се зачувува емотивна енергија и без разлика што од прва може не изгледа така - поклон е и за двете инволвирани страни.

25 април 2024 - 00:00