Опасните петмина во Бразил

Од лидерите на своите репрезентации секогаш се очекува многу на теренот, а тоа е да го понесат товарот, да бидат организатори на играта или да го решат мечот. Ова се само неколку ѕвезди, препознатливи по своите физички карактеристики кои се очекува да блеснат во Бразил.

Лионел Меси кој е рекордерот на освоени „Златни топки“ и кој има 21 освоен трофеј со Барселона со своите 26 години е во зенитот на својата кариера. Еден од најдобрите играчи во светот е во обид да стигне до првиот златен пехар со својата земја која најмногу очекува од него. Незгодниот низок играч за чување, сезоната во Шпанија ја заврши со најмногу дриблинзи во просек по натпревар.

Спротивно од него во поглед на карактеристиките е високиот Јаја Туре кој сезонава играше во врвна форма во Премиер лигата. Силниот и брз играч од средниот ред на Брегот на Слоновата Коска за Манчестер Сити запиша одлични 20 голови и 9 асистенции, со највисок процент на упатени шутеви надвор од шеснаесетникот.

Во ова елитно друштво не може да нема место за најдобриот. Брзиот Роналдо имаше сезона од соништата зачинета со признание за најдобар играч според ФИФА, титула во Лигата на шампионите и перфектни партии за дресот на Реал Мадрид со 51 постигнат гол на сите натпреварувања во Шпанија. Резултатите на Португалија ќе зависат најмногу од него.

Доколку дебитира на мечот против Гана на 16 јуни, Американецот Јулиан Грин со 19 години и 10 дена ќе биде 29-от најмлад фудбалер кој настапил на Светските првенства. Младиот член на САД ќе се обиде да остави голем впечаток пред очите на стотиците скаути на Мундијалот каде како младинци во минатото настапуваа Пеле, Ето, Овен, Меси и многу други звучни имиња.

На неговите години обично во топ форма се голманите, но неуморниот Пирло ќе биде главна алка во играта на Италија. Стариот има 35 години и игра во врвна форма, а сезоната во Серија А ја заврши со одбрана на титулата како еден од клучните играчи на Јувентус. По Де Роси кој ќе му прави друштво во средниот ред, Прило беше најефикасен во однос на делењето топки.