На СП 2022 најспорните офсајди ќе ги гледаме со 3Д анимација

ВАР технологијата која помогна многу, ама не успеа целосно со 100% успешност да им ги скрати маките на судиите околу тој пусти офсајд, добива ново засилување.

ФИФА соопшти дека на Мундијалот во Катар кој стартува на 21 ноември, ќе дебитира нова полуавтоматска технологија која ќе се користи само за најтесните офсајд ситуации.

Целта е да им помогне на судиите на терен и на овие во ВАР собата, да носат побрзи и попрецизни одлуки во најтешките моменти. Всушност се работи за еден вид надополнување на ВАР технологијата.

За овој систем ќе се користат 12 посебни камери за следење на топката, поставени под покривот на стадионот, со вграден сензор во неа кој испраќа податоци, 500 пати во секунда.

На тој начин судиите со помош на 3Д снимка ќе имаат јасна слика за позицијата на сите екстремитети на играчите кои се потребни да се докаже дали имало офсајд, како и прецизно ќе се знае моментот во кој е шутната топката.

Откако главниот судија ќе ја донесе конечната одлука, спорната ситуација ќе биде прикажана на видео бим во 3Д анимација, а ќе можат да ја погледнат гледачите и на тв и на стадион.

ФИФА тврди дека оваа офсајд технологија ќе помогне да се носат попрецизни одлуки за офсајд за пократко време.

„Полуавтоматизираната офсајд технологија е еволуција на ВАР системите кои се имплементирани низ целиот свет. Оваа технологија е кулминација на тригодишно истражување и тестирање за да се обезбеди најдоброто за тимовите, играчите и навивачите кои ќе заминат во Катар“, вели првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино.

„ВАР веќе имаше многу позитивно влијание врз фудбалот и можеме да видиме дека бројот на големи грешки веќе е драстично намален. Очекуваме дека полуавтоматската офсајд технологија може да не однесе чекор понатаму. Свесни сме дека понекогаш процесот за проверка на можен офсајд трае предолго, особено кога офсајдот е многу тесен. Тука се вклучува полуавтоматската офсајд технологија за да понуди побрзи и попрецизни одлуки. Знам дека некој ова го нарече „робот офсајд“, ама не е тоа. Судиите и помошните судии сè уште се одговорни за одлуката на теренот, изјави Пјерлуиџи Колина, кој е претседател на Комитетот за судии на ФИФА“.

Оваа технологија се користеше како тест на Арапскиот куп и на Светското клупско првенство, како пилот проект пред да биде одобрена.

1 јули 2022 - 14:30