Македонија рамо до рамо со Луксембург на рангот на ФИФА

Македонската фудбалска репрезентација напредуваше две позиции на најновата ранг листа на ФИФА, но тоа е не е никаков успех кога гледаме дека во врат ни дишат играчите на кои фудбалот им е парт-тајм.

По ремито на пријателскиот дуел против Турција и поразот од Шпанија во квалификациите за СП 2018, Македонија скокна две места и сега се наоѓа на 134-та позиција на ранг листата на ФИФА.
 
Изгледот на табелата некако не делува убаво за нашите фудбалерите, бидејќи на 135-то место е Луксембург, селекција која кој обично ја ругаме дека игра со аматери, но нивниот напредок е 10 позиции. Уште повеќе боли фактот што нè помина и Андора, која е пет места подобра од нас.
 
Од противниците во нашата квалификациска група Израел падна 15 места и сега е 70-ти, а Албанија е подобра за три места и е на 63-та позиција, Шпанија падна едно место и е 11-та, а Италија остана 12-та. Под нас е само Лихтенштајн кој се наоѓа на 191-ва позиција.
 
Промени има и на врвот, каде сега лидер е Германија која со освојување на Купот на Конфедерации оствари напредок од две места и ги симна Бразил и Аргентина на второ и трето место.
 
Одличен напредок имаат и Португалија, Швајцарија и Полска кои скокнаа по четири места и сега ги зафатија четвртата, петта и шестата позиција. Топ 10 листата ја заокружуваат Чиле, Колумбија, Франција и Белгија.