A Minha História

Личната исповед на Роналдо за животниот пат

На 11 години со ранец на грбот го испратиле сам од родниот остров Мадеира во големата метропола Лисабон каде му било тешко без најблиските. Денес на копачките има изгравирано зборови и последната работа што ја прави пред да истрча на терен е да ги прочита: „Сонот на малиот“.

Силно чувам едно сеќавање што го имам од 7 години. Толку ми е јасно што можам да го насликам сега и ми носи топлина. Поврзано е со моето семејство.

Само што почнав да играм вистински фудбал. Претходно, играв само по улицита на Мадеира со другарите. И кога велам улица, не мислам на празен пат. Мислам на вистинска улица. Немавме голови и ништо друго и моравме да застанеме секогаш кога ќе поминеше кола. Бев целосно среќен да го правам тоа секој ден, но татко ми беше гардеробер во фудбалскиот клуб Андориња и тој ме охрабруваше да одам и да играм за јуниорите таму.

Знаев дека тој ќе се гордеее со тоа, па отидов.

Првиот ден, имаше многу правила што не ги разбирав, но ми се допаднаа. Се навлеков на структурата и на чувството на победа. Татко ми го гледаше секој натпревар од страна, со неговата голема брада и работнички панталони. Му се допаѓаше и него. Но мајка ми и сестрите не беа заинтересирани за фудбал.

Секоја вечер пред вечерата, татко ми ги тераше да дојдат да ме гледаат како играм. Тој ми беше како првиот агент. Се сеќавам дека кога ќе дојдев дома од мечевите со него и ќе викнеше: „Кристијано даде гол!“ а тие ќе кажеа: „О браво!“

Но не беа нешто баш заинтересирани, знаеш? После ќе дојдеше следниот ден дома и ќе кажеше: „Кристијано даде два гола!“, и пак никаква реакција. Тие само ќе кажеа: „Баш добро Крис, браво“.

И што можев јас да направам? Продолжив да давам и давам голови.

Една вечер, татко ми дојде дома и кажа: „Кристијано им даде три комада! Неверојатен беше! Требаше да дојдете да го видите како игра!“

Но и понатаму, секогаш пред мечот кога ќе погледнев кај оградата го гледав татко ми како стои сам. И тогаш еден ден - никогаш нема да ја заборавам оваа слика - се загревав и погледнав а таму мајка ми и сестрите седеа заедно на седиштата.

Изгледаа... како да кажам? Изгледаа комфорно. Беа едни до други заедно и не аплаудираа ниту викаа, туку само ми мавтаа како да бев на парада или такво нешто. Навистина изгледаа како никогаш претходно да не биле на фудбалски меч. Но беа таму и тоа ми беше најважно.

Многу убаво се почувствував во тој момент. Многу ми значеше. Како нешто внатре да ме размрда. Бев многу горд. Во тоа време немавме многу пари. Животот беше тежок во Мадеира.

Играв во било какви стари копачки што ми ги оставил брат ми или некој роднина. Но кога си дете ти не се грижиш за пари. Се грижиш за моментот. А дента, тој момент беше прејак. Се почувствував заштитен и сакан. На португалски тоа го викаме menino querido da família.

Ме фаќа носталгија кога се сеќавам, затоа што тој период од мојот живот како да беше краток. Фудбалот ми даде се во животот, но исто така ме зеде далеку од дома уште пред да бидам спремен. Кога имав 11 години заминав од островот во академијата на Спортинг Лисабон и тоа беше најтешкиот период од мојот живот.

Лудо е сега да мислам на тоа. Син ми, Кристијано Јр. има 7 години а јас го пишувам ова. И мислам како би ми било да му спремам ранче после четири години и да го пратам во Париз или Лондон. Изгледа невозможно. И сигурен сум дека и на моите им било невозможно да го сторат тоа со мене.

Но тоа беше шанса да го остварам сонот. Па ме пуштија и јас отидов. Плачев секој ден. Уште бев во Португалија, но како да бев во друга земја. Акцентот правеше како да слушам сосема друг јазик. Културата беше поинаква. Не знаев ниој и бев екстремно осамен. Моите можеа да си дозволат да ме видат еднаш на четири месеци така нешто. Ми фале толку многу што секој ден ми беше болен.

Фудбалот ме одржуваше. Знаев дека правам на теренот нешта што другите деца во академијата не можат. Се сеќавам еднаш кога едно дете му кажа на друго: „Виде што направи овој? Ѕвер е!“.

И цело време слушав како збореа така, па дури и тренерите. Но секогаш некој ќе дофрлеше, „Да, но срамота е, малечок е, види го“.

И вистина беше, слаб бев без мускули и мал. Па на 11 години донесов одлука. Знаев дека имам голем талент па решив да работам напорно секој ден. Престанав да играм како дете. Престанав да се однесувам како дете. Тренирав како да ќе бидам најдобар на светот.

Не знам од каде ми дојде тоа чувство. Просто беше во мене. Како глад која не поминува. Кога губиш, како да гладуваш, кога победуваш пак како да гладуваш, но јадеш по малку. Ова е единствен начин да го објаснам тоа чувство.

Почнав навечер да се искрадувам од собите каде што спиевме за да одам да вежбам. Станав поголем и побрз. И тогаш кога ќе излезев на теренот луѓето кои имаа обичај да шепотат: „Да, добро, но види какво е слабичко“? сега веќе ме гледаа на друг начин.

Кога имав 15 години, се свртев кај соиграчите на еден тренинг и добро памтам како им реков: „Еден ден ќе бидам најдобар на светот“. Тие се смееја на тоа. Не бев ниту во првиот тим на Спортинг уште но имав некое претчувство. Вистински го мислев тоа.

Кога почнав да играм професионално на 17 години, мајка ми ретко ме гледаше поради стресот. Ќе дојдеше да ме гледа на стариот Естадио Хозе Алваладе и беше толку нервозна за време на важните натпревари поради што неколку пати паѓаше во несвест. Сериозно се онесвестуваше. Докторите ѝ препишаа седативи само за моите натпревари.

Знаев да ѝ кажам: „Се сеќаваш кога не те интересираше фудбалот“?

Почнав да сонувам се повеќе и повеќе. Сакав да играм за репрезентацијата и сакав да играм за Манчестер затоа што на телевизија гледав само Премиер лига. Бев хипнотизиран од тоа колку брзо играа и песните што одеа од трибините. Многу ја сакав таа атмосфера.

Кога станав играч на Манчестер, тоа беше многу горд момент за мене, но мислам дека моите беа уште погорди.

Прво, освојувањето трофеи беше многу емотивно за мене. Се сеќавам кога првпат ја освоив Лигата на шампионите во Манчестер и тоа беше ненадминливо чувство. Истото беше и со мојата прва Златна Топка. Но соништата ми станаа уште поголеми. Тоа е и поентата на сонот, нели?

Отсекогаш сум го ценел Мадрид и сакав нов предизвик. Сакав да освојувам трофеи во Мадрид, да ги срушам сите рекорди и да станам клупска легенда.

Во изминатите осум години, остварив неверојатни нешта во Мадрид. Но да бидам искрен, освојувањето трофеи подоцна во мојата кариера беше некако поинаква емоција. Посебно во овие последни две години. Во Мадрид ако не освоиш ништо луѓето го сметаат тоа за неуспех. Ова е очекување од величината. Тоа е мојата работа.

Но кога си татко, чувството е комплетно поинакво. Чувство кое не може да се опише. Сево ова покажува зошто времето во Мадрид ми е посебно. Фудбалер сум, да, но станав и татко. 

Има еден момент со син ми којшто засекогаш ќе го паметам. Кога помислувам на тоа, убаво ми е.

Тоа беше момент на теренот откако ја освоивме минатата Лига на шампиони во финалето во Кардиф. Испишавме историја таа вечер. После последната судиска свирка на теренот, почуствував како да пратив порака на цел свет. Но тогаш син ми дојде на теренот да прослави со мене... и работите се сменија со светлосна брзина.

Оддеднаш целата емоција стана поинаква. Тој трчаше наоколу со син му на Марсело, го држевме трофејот заедно, па потоа одевме по целиот терен рака под рака.

Тоа е радост која што не ја разбирав додека не станав татко. Има толку многу емоции кои се случуваат толку брзо што не можеш да ги опишеш со зборови. Таа емоција може да се спореди со онаа кога се загревав како мал на Мадеира и ја видов мајка ми и сестра ми како стојат заедно на трибината.

Кога се вративме на Бернабеу да прославиме, Кристијано Јр. и Марселито играа на теренот пред навивачите. Тоа беше многу поразлична сцена од онаа кога јас играв на улиците на негови години, но се надевам дека и син ми го почувствува истото како јас некогаш. Menino querido da família.

По 400 меча со Мадрид, победите и натаму се моја амбиција. Мислам дека сум роден за тоа. Но чувството откако ќе победам дефинитивно е поинакво. Ова е нов чаптер во мојот живот. Имам посебна порака изгравирана на моите нови Меркјуриал копачки. На десната кај петицата има зборови кои ги читам пред да истрчам во тунелот.

Тоа е како финално потсетување... финална мотивација. Пишува: “El sueño del niño.”

Сонот на малиот.

Можеби сега разбирате.

На крајот, секако - мојата мисија е секогаш иста каква што беше. Сакам да продолжам да рушам рекорди во Мадрид. Сакам да освојам што е можно повеќе титули. Таква ми е природата.

Но она што ми значи најмногу во Мадрид и што ќе им кажувам на внуците кога ќе имам 95 години е чувството како шетав по теренот како шампион со син ми под рака.

Се надевам дека ќе го сториме тоа уште еднаш.

Кристијано Роналдо.

via The Players Tribune