Каде лежи зајакот?

Како помина најлошата сезона во животот Мурињо

Водич на сезонското патешествие на тренерот кој во мај го крена шампионскиот трофеј, а вчера попладне беше сменет од клупата на Челси.

1. Ноќната мора почна од првото коло, кога за време на мечот против Свонси (2:2), Жозе грмеше на физиотерапевтката Ева Карнеиро, која влезе во судиското продолжение да му укаже помош на повредениот Еден Азар додека Челси бркаше трет гол. Потоа Карнеиро ја отпуштија од клубот, а таа наскоро излезе со намера да го тужи Мурињо за навредите и клеветењето. Тоа не беше толку трагично, но ситуацијата траеше околу месец дена.

2. Во второто коло, Челси беше без шанси против Манчестер Сити кој ги згроми 3:0, но мечот остана запаметен по ужасно лошата игра на Сините и импулсивната реакција на Мурињо кој го замени капитенот Џон Тери првпат после 117 натпревари. Тоа ја најави напнатата состојба во тимот.

3. На 12 септември Мурињо загуби од Евертон 1:3 и тоа беше трет пораз по ред што се испостави како најлош старт на Челси од 1988. година. До тој момент екипата прими вкупно 12 голови, колку што лани прими дури до месец декември.

4. На крајот од октомври, кога Челси дома загуби 1:3 од Саутемптон, Мурињо попушти со нервите и на прес конференцијата ги критикуваше судиите „кои се плашат да донесат одлука во корист на Челси".

5. Набрзо после репрезентативната пауза во октомври, Челси му гостуваше на Вест Хем и загуби 2:1, а тимот на Жозе се распадна на парчиња. На полувремето, Мурињо влегол во судиската соблекувална каде ги пцуел судиите поради црвениот картон кој го доби во првиот дел. 11 освоени поени после 10 кола - најлош резултат на Челси во историјата на Премиер лигата.

6. На почетокот на декември почна страшен период за Челси кој загуби за првпат во својата историја од дебитант (Бурнемут 0:1), и на тој начин стана првиот бранител на титулата во 41 година кој имал 8 порази во првите 15 кола.

7. Кобниот меч се одигра против лидерот Лестер минатиот викенд кога Мурињо и Челси загубија 2:1 и Сините ги делеше само еден бод од зоната на испаѓање од лигата.

8. Мурињо првпат во кариерата заминува на сред сезона. Се откажа од борбата за првите 4 места „Очигледно е дека испаднавме од борбата за зоната која води во Лига на шампиони. Тешко е да се гледа играта, затоа што некои играчи не се на задоволително ниво", изјави Мурињо после мечот со Лестер.

9. Отказот го затекна Мурињо на 16. место. Неговите тимови досега никогаш не загубиле толку многу првенствени средби (9 порази). Во 2013/2014 доживеа највисоки 6 порази. Неговите екипи никогаш не биле така безуспешни со низок процент на победи (25%) и не примале толку многу голови (повеќе од гол по натпревар во просек).

Во мај 2015-та, Челси со Мурињо ја славеше првата титула после 2010-та и вкупно четврта во клупската историја, но по многуте негативни рекорди срушени сезонава, разделбата меѓу Мурињо и Сините беше неминовна.