Феноменот на државна химна

Ибрахимовиќ, Меси и фудбалерите кои не ја пеат химната

Додека некој ја вика од сè срце, има играчи кои не отвораат уста при интонирање на државната химна. Некој има таков табиет, некои од политички, а некои од верски мотиви не ја пеат химната.

Репрезентација на Италија
 
Како и мнозинството селекции, така и Италијанците гордо ја пеат својата химна, но не беше така до 2006. година и СП во Германија. До тој момент играчите воглавном молчеа или пееа неуверливо, секој од свои причини. Главен мотив за ваквата разврска било тоа што не го знаат сите текстот на памет, поради што кон крајот на ’90-те и почетокот на 2000-та по стадионите се делеа летки со текстот на химната.

И не само во Италија, туку и во Европа во '90-те години пеењето на химните пред натпреварите не беше задолжителен дел од програмата. Главно нешто е играчите да не се смеат како Пол Гаскоњ (4.43) или да џвакаат мастика како Џанлука Паљука. Откако загубија во 1/4 финалето на СП во 1998. година кога Французите активно ја пееа Марсејеза на Стад де Франс, италијанскиот печат изврши притисок репрезентативците да почнат да ја пеат националната химна. Од тогаш, за химната во Италија се зборува после секој пораз. Тогашните идоли на нацијата, Паоло Малдини и Алесандро Неста никогаш не ја пееа химната на Италија.

Бобо Виери отворено изјави по мечот со Еквадор: „Гледајте, изморен сум од приказниве со химната. Ние сме единствена земја во светот која губи време на разговори за такви работи. Не знам дали луѓето сфаќаат дека целиот свет ни се смее?"

Работите се сменија на Светското 2006. година кога Италијанците не само што победија во категоријата најдобро испеана химна, туку станаа светски прваци. Оттогаш ја пеат гласно и убаво. Проблем има само со натурализираните Бразилци и Аргентинци (Каморанези, Амаури, Едер).

Репрезентација на Германија

Германците првпат почнаа да ја пеат химната во 1984. година кога Франц Бекенбауер стана селектор. Кајзер од стартот најави дека секој фудбалер е должен да ја пее химната. Според него, секој повикан во репрезентацијата морал да ги знае зборовите на Хофман вон Фалерслебен со музика од Јозеф Хајден. Кајзер Франц изјави дека таквиот пристап им донел злато на Светското во 1990. година.

Наследниците на Бекенбауер беа нешто поблаги. Оливер Кан објаснуваше дека неговите соиграчи биле тивко подесени за време на химната. „Можеби се плашат?", праша Кан. Во исто време Полјакот Миро Клосе активно ја пееше химната.

На 11 јуни 2002. година на Светското против Камерун Кан, Фрингс, Линке и Циге уста не отворија:

Проблемите започнаа во пресрет на Мундијалот 2010. година. Германскиот микс беше составен од Подолски, Клосе, Асамоа, Гомез и Одонкор. Играа уште и Аого, Ташчи, Џером Боатенг, Кедира, Озил, Марин и Бразилецот Какау. Тоа не им се допадна на некои радикални политичари и гласачи, но многу брзо се испостави дека сите новајлии ја пеат националната химна на Панцерите.

Марио Гомез на пример изјави дека не ја пее химната од суеверие. Во својата прва официјална средба за младата репрезентација Гомез даде гол и од тогаш ја следи оваа необична традиција да не ја пее химната пред мечот. Во полуфиналето на ЕП 2012 кога загубија од Италија, Германците ги нападнаа репрезентативците затоа што не ја пееле химната гласно како што ја пеел еден Марио Балотели.

„Темава е само вештачко оправдување за поразот. Ние играчите сме подложни на строги и често лични критики. Многу е навредливо некој да те обвинува за поразот. Што се однесува до химната, секој нека одлучува за себе", изјави тогаш Сами Кедира.

Политичарите од Демохристијанската партија и Христијанската социјална Унија на Германија предложија химната задолжително да се пее. Баварскиот министер за внатрешни работу, Јоаким Херман (ЦДУ), ги поддржа своите колеги: „За репрезентацијата мора да се пее химната. Кој не сака, нека остане во клубот и нека не доаѓа".

На страна на играчите застана и освојувачот на светското злато, селекторот Јоги Лев: „Многу играчи, иако се родени во Германија, имаат потекло од други земји како што се Лукас Подолски чие семејство е од Полска. Или Месут Озил и Сердар Тасчи со турски корени. Или Семи Кедира од Тунис, или Боатенг чијшто татко е од Гана или Аого од Нигерија. Нивните срца можеби се во друга земја и поради тоа одбиваат да ја пеат химната", изјави Лев.

Освојувањето на Мундијалот во Бразил сепак им ги затвори устите на критичарите.

ФРАНЦИЈА

Ако некој има проблем со химната тоа е Франција. Иако Марсејеза важи за една од најубавите и најпознатите химни, многумина одбиваат да ја пеат под изговор дека е многу воинствена.

„Во училиште нe учеа да ја пееме Марсејеза во која има стихови како: нечистата крв да ја измиеме од нашите полиња. Се спомнува и крв, Алжир, Африка", изјави Анелка во една прилика.

Самиот Анелка после дебаклот на СП 2010 кога селекторот Доменек го избрка, изјави дека никогаш немал што да бара во Франција и дека во оваа земја имал само неволји. Поради тоа одбиваше да ја пее химната, а ако некој инсистирал на тоа, тој едноставно си одеше од селекцијата. 

На СП го видовме правото лице на Франција. Во тешки времиња се гледа што луѓето навистина мислат: „Рибери го удри Гуркуф, Муслиманот го удри добриот Французин. Тој став е вкоренет многу длабоко и ако француската репрезентација не победи веднаш почнува да се зборува за религија и раса", изјави Анелка после Мундијалот во Ј. Африка.

Проблемот во Франција е сериозен. Ако еден Жан-Мари Ле Пен кој во 2002. година беше претседател на Франција јавно изјави дека Французите не треба да имаат солидарност со репрезентацијата затоа што за неа играат многу црномурни играчи, тогаш што да зборуваме за обичните фанови.

Лидерите на ултра-националистичките партии во Франција барале дури и чистокрвниот Француз Фабијан Бартез да биде исфрлен од репрезентацијата, затоа што „ќелавиот никогаш не ја пее химната". Најтежок случај беше оној на Кристијан Карембе. Легендарниот фудбалер имаше дури 53 настапи за Франција, но одбиваше да ја пее химната во знак на сеќавање на своите прадедо и прабаба кои биле изложени на изложбата во Колонијалниот музеј во Париз во 1931. година.

Последниот скандал околу темата да се пее или не е поврзан со Карим Бензема. Ќерката на радикалот Ле Пен, Мари Ле Пен изјави дека Карим Бензема мора да биде исфрлен од тимот затоа што одбил да ја пее Марсејеза пред мечот со Грузија во март 2014. година.

„Ако ја пеам химната, не значи дека ќе дадам хет-трик. Или пеам или не, а најважен од се е квалитетот на мојата игра. Ја сакам репрезентацијата, но не ја пеам химната. Едни Зидан и Платини не ја пееа, па што е проблемот?", одговори тогаш напаѓачот на Реал Мадрид.

Лионел Меси

„Ме не ја сака Аргентина, штом не ја пее химната", беа најчестите насловни страни после лошите игри на Албиселесте. Дали Лео не ја знае мелодијата или едноставно не сака да пее никогаш не се открило. Штом Марадона не ја пееше химната, може и Меси, одговараат неговите фанови.

Томаш Росицки

После поразот од Русија на ЕП 2010, чешките навивачи и медиуми се свртеа против главната ѕвезда на тимот, Томаш Росицки кој не сака да пее за „поточето, карпата, цвеќето и рајското место"

„Јас пеам, но во себе. Кога бев млад, пеев многу гласно знаете и сами, но кога загубивме неколку натпревари по ред, одлучив да ги сменам навиките. Јас сум суеверен човек", изјави Росицки после тоа Европско.

Адем Љаиќ

Во мај 2012. година, репрезентацијата на Србија на чело со Синиша Михајловиќ потпиша договор за однесување на играчите. Според една од точките играчите беа должни да ја пеат химната. Љаиќ одби да ја пее и за тоа наведе лични причини поради што Михајловиќ го исфрли од составот.

Подоцна татко му ја објасни ситуацијата: „На половина час пред дуелот со Португалија, Адем ми се јави и ме праша што да прави со пеење на химната. Го прашав дали знае да ја испее, тој ми одговори дека не ги знае зборовите. Му кажав да ја спушти главата и никој да не може да види дека не епее. Сакам да им се извинам на сите кои се навредени од ваквата постапка на мојот син. Благодарен сум му на селекторот Михајловиќ за се што направи за мојот син. Адем 15 години игра за сите категории на Србија и тоа е патриотски. Имавме многу предлози за смена на државјанството, но тој ги одби сите", искрено изјави татко му Љаиќ.

Златан Ибрахимовиќ

Фудбалскиот Чак Норис никогаш не сакал да ја пее химната на Шведска. Но и покрај тоа минатата година одлучи да сними своја верзија на химната. Песната ја продуцирал легендарниот Макс Мартин, одговорен за многу хитови на Бритни Спирс, Тејлор Свифт и Кејти Пери.

„Ова е новата државна химна што ни треба. Сега може да ја замениме старата верзија. Можеби јас не пеам совршено, но сите ние сме различни а во исто време имаме само една татковина. На пример татко ми е од Босна, тој е Муслиман, а мајка ми е од Хрватска и е Католик. Јас сум роден во Шведска и сум шведски државјанин. И тоа нема да се смени", изјави Ибрахимовиќ.

Швеѓаните сеуште не се одлучиле на таков ризик да ја сменат химната, но хитот на Златан собра преку 5 милиони прегледи на ЈуТјуб.