Господин Лига Европа - 5-ти пат ќе игра во финале

Унаи Емери треба да го добие трофејот во Лига Европа во траен посед. Како тренер играл во овој турнир седум пати, до полуфинале стигнал шест пати а пет пати во финале.

Виљареал во 2006-та година стигна до историско полуфинале во Лига на шампиони. Играа против Арсенал, а судбината сакаше по поразот 1-0 во Лондон, на реваншот Хуан Рикелме да промаши пенал во 90' минута од мечот за продолженија.

Овојпат на „жолтата подморница“ ѝ се врати среќата. Го совлада доскорешниот клуб на тренерот Емери, Арсенал во полуфинале на Лига Европа и заслужено ќе игра во големото финале против Манчестер Јунајтед.

Двата финалисти на ЛЕ на реваншите ја сочуваа предноста од првите натпревари. Рома го доби Јунајтед 3:2 но тоа беше премалку за да надоместат 6:2 од првиот меч. Виљареал издржи 0-0 во Лондон каде Обамејанг два пати погоди статива и имаше уште неколку шанси.

Манчстер Јунајтед првпат ќе игра меч за пехар под водство на Оле Гунар Солскјер. Претходно екипата со Норвежанецот на клупата играше четири полуфиналиња но ги изгуби сите (два порази во Лига Куп и по еден во ФА Куп и Лига Европа).

Јунајтед ќе игра во финале на Лига Европа втор пат во историјата. Во 2016/2017 со Мурињо на клупата ја освоија Лига Европа со победа над Ајакс.

Ова ќе биде петто европско финале на Манчестер Јунајтед во XXI век: три пати играа во главниот меч за пехар во Лига на шампиони. Во 1999-та легендарното финале со Баерн, после во 2008-ма кога на пенали го победија Челси, па во 2009 и 2011 порази од Барселона.

Унаи Емери од друга страна, може да биде наречен господин Лига Европа.

Баскискиот тренер ќе игра 5-то финале на Лига Европа! До сега три пати освојуваше со Севиља (во 2014, 2015 и 2016). После третиот освоен пехар отиде во ПСЖ каде собра 7 трофеи но сите во Франција.

Патот го однесе во Арсенал каде стигна исто до финале на Лига Европа но првпат изгуби и тоа од Челси во 2019-та.

Сега на неверојатен начин одново стигна до големото финале и тоа со Виљареал, клуб кој нема ниту еден европски трофеј а игра прекрасен фудбал.

Арсенал најверојатно ќе остане без еврокуп следната сезона, за првпат после 21 година. Сега во Премиер лига се на 9. место и заостануваат 9 бода зад 7. место, последно кое води во Европа, на 4 кола пред крајот.

Во сезоната 1994/1995 Арсенал завршил 12-ти во Премиер лига а не успеал да обезбеди Европа ниту преку домашните купови.

Финалето на Лига Европа ќе се игра на 26 мај во полскиот град Гдањск, на модерниот стадион кој во 2012 година беше домаќин на натпревари од Европско првенство.

Најверојатно ќе биде дозволен влез за 9.500 гледачи а двата клуба ќе добијат по 2.000 карти, другите УЕФА ќе ги пушти во слободна продажба и некои ќе следуваат за домашниот организациски комитет.