Букбокс интервју

Ренато Баретиќ: „ВЕТУВАМ – НА 80. ЌЕ ОДАМ ВО ЈАВНА КУЌА“

Ренато Баретиќ е првиот кој во Букбокс е застапен два пати. Има и зошто – откако нè освои со Осмиот повереник (осврт за него тука) и со непосредноста во преписката по мејл, со нетрпение го дочекавме македонскиот превод на неговиот најнов роман, Хотел Гранд.

Низ приказната за созревањето на десетгодишниот Филип, во јавната куќа која ја држат неговите родители на хрватското крајбрежје, Баретиќ зборува за општествената стварност низ која дефилираат мафијаши, проститутки, политичари и – блогери. Објавувајќи делови од романот онака како што настануваат на туѓ блог, писателот под никот Кондолизо експериментира со суптилната граница помеѓу стварноста и текстот. Кој бордел е поголем? – го прашавме Баретиќ, а тој љубезно ни одговори...

П: Хотелот Гранд, иако е јавна куќа, до пред самиот крај на книгата изгледа како побезбедно и потопло место за растење од која и да е друга институција која ја опишувате. Постои јасна хиерархија, поделба на обврските, финансиска транспарентност, морал. Дали микрокосмосот на јавната куќа во книгата е таков каков што е за да му парира на воениот неред вон неа, или работите не се разликуваат и во 'редот' на сегашноста? Кој бордел е всушност поголем?

О: Повеќето од работите кои ги набројавте ќе ги најдете таму каде што ги најдов и јас пред триесетина години: во романот „Кум" на Марио Пузо. За работењето на една добро етаблирана криминална организација нужни се не само правила, туку и строго придржување кон нив. Оној кој свесно ги прекршува, знае да го ризикува животот. Затоа повеќето и им се придржуваат, додека оние кои испаѓаат од машинеријата многу бргу испаѓаат и од животната игра. Во криминалот важат далеку построги правила и кодекси на однесување отколку во „нормалниот" граѓански живот.

Хотел Гранд е производ на надворешните околности во воените хрватски години, а внатре своите четири ѕида газдата Доминик се обидува сепак да ги помири тие околности со својот поглед на свет, кој во принцип е длабоко хуман. Затоа и бргу испаѓа од игра, влијаејќи и на судбините на бројни други ликови. Но – да беше послушен криминалец, никогаш не би бил главен јунак на романот. И тоа позитивен и несреќен јунак.

П: Стереотипно, јавната куќа е мачилиште за жените, но рај за мажите. Во вашата книга таква родова поделба на улоги како да нема. Сите се подеднакво заебани, од проститутките, преку нивните клиенти, до газдите. На крај сите ликови се трагични, вклучувајќи го и виртуелниот автор, за кого претпоставуваме дека му се случило нешто гадно. Дали беше можно некој да мине неповреден, да биде среќен?

О: Заборавивте два споредни лика – да не им ги откриваме имињата – кои среќно заминуваат да живеат во Шпанија! Исто така, на голем број други споредни ликови не им ја знаеме понатамошната судбина. Но оние главните, по се' што направиле и доживеале, не можеа да завршат среќно. Нивните судбини се баш како и нашите: малку среќни, малку трагични. Еднозначните и сосема среќни краеви им личат само на епизодистите.

П: Дали некогаш сте ги објавувале вашите текстови на блог, под псевдоним?

О: Никогаш не сум го правел тоа, ниту пак имам намера. Немам време, а го немам и потребното знаење за отварање блог. Времето не можам да го купам, а пак знаењето од тој вид не ми се стекнува, па немам блог, ниту пак тоа ме интересира. Исто така не ги следам ни туѓите блогови. Не знам дали сум антиглобалист, но знам дека сум – антиблогалист! Јас сум блогобојазен!

Никаде на интернет, каде и да е, не сум напишал ниту збор под псевдоним, секогаш пишувам со целосно име и презиме. Можеби сум старомоден, но ме ужаснува што сè може да се напише денес и да се пушти во јавност, колку омраза и глупост, а сè под маска на некаква божемна анонимност. Еднаш, заради моите новинарски коментари, кратко време по електронска пошта ме тероризираше некој тип под псевдоним – кога тоа само му го спомнав по телефон на мој стар школски пријател, денес полициски форензичар (ми се јави да договориме одделенски ријунион, ништо работно), тој за половина минута ми го даде вистинското име, адресата и телефонскиот број на тој „терорист". Беше на работа, пред компјутер и – ништо полесно! Значи, таа божемна анонимност на интернет е одделена од стварноста само со еден тенок превез. Жално е да се гледа колку многу луѓе не се свесни за тој факт, колкумина од нив мислат дека никој нема да им влезе во трага ако се потпишат со, не знам „torcida 666 1234". Тажно, во секој поглед.

П: На македонскиот блогерај „натрапникот" на нечиј блог би бил веднаш исшутиран, а коментарите на некакво литературно дело би биле или ретки, или тотално без врска – бидејќи по вашите сопствени зборови хрватската блог заедница не е воопшто толку фина и конструктивна како во книгата („најмалку во 80% од случаите се работи за неписмени ментални мастурбатори кои сопствениот животен кукавичлук и неоствареност ја лечат со анонимни – тие така мислат – навредувања и напаѓање на се' и сешто" – од текст на Р.Б. во Национал), дали е ова уште еден по малку идеализиран микрокосмос? Или Јулио (сопственикот на блогот каде се објавуваат делови од романот) и Тамиа (најконструктивниот коментатор на истите) се оние 20%?

О: Да, тука малку идеализирав, затоа што инаку немаше да има ништо од романот. А заради овие реченици кои ги цитирате, објавени во неделникот Национал, се разви жестока расправа по веб-форумите, но таа траеше многу кратко. Знаете, на хрватските портали, блогови, форуми, и кој знае како веќе се викаат сите тие денес, работите стојат вака: ако осамне вест со наслов, на пример, „Бритни Спирс одлучи со силикон тројно да ја зголеми само левата цицка, а околу десната уште се мисли", или „Џастин Бибер за време на вечерата го протри прво левото око, а потоа десното уво – значи ли тоа дека наскоро ќе се жени?", веќе во седмиот или осмиот коментар на читателите ќе се раскараат некој Хрват и некој Србин, кој знае околу што, и ќе почнат срања за комуњари, усташи, четници и партизани, ќе си ги ебaт меѓусебно мајките во уста, а уште ако се вклучи и некаков Словенец или Бошњак, еј, војните на деведесетите се градинка за деца во споредба со ова (а сето тоа заради цицката на Бритни или окото на Џастин)...Иако всушност сите тие најверојатно се слабичи кои во стварноста би заплакале ако некој ги погледне на косо.

Тамиа и Јулио, значи, се и помалку од 20% од таа шизофрена популација. Можеби дури и и помалку од 2%, колку што – според тврдењата на МЕНСА, светското здружение на суперинтелигентни – изнесува процентот на оние чиј IQ изнесува повеќе од 148.

(се извинувам за грдите зборови во овој одговор, ама тоа е речникот на друштвото за кое зборувам).

П: Како ги оценувате вашите преводи на македонски (Осмиот повереник, а сега и Хотел Гранд)? Дали ви е важен успехот вон Хрватска? Што е воопшто 'успех' за еден писател?

О: Осмиот повереник е преведен далеку послабо и поповршно отколку што би можело, докажано, да биде преведен. Од некоја за мене непозната причина таа книга во Македонија требаше да се објави многу бргу, па веројатно ниту една етапа од работата не е завршена онолку темелно колку што би требало. Дополнителна отежнувачка околност беше и тоа што преведувачот Глигор Стојковски својот ракопис многу бргу му го предаде на уредникот – Глигор Стојковски. Немаше, значи, втор пар очи кој би го погледнал оригиналот и преводот пред тој да се испрати во печатница. Затоа и се случи тоа што се случи: Осмиот повереник на македонски во преводот загуби барем една третина од она што не го загуби во другите преводи (словенечки, украински, италијански и германски). Мене работата ми стана малку сомнителна веднаш штом книгата пристигна од Скопје по пошта: ја отворив книгата токму на страницата каде светилничарот ги рецитира стиховите на Пупачиќ, а во македонскиот превод пишуваше – „стиховите на Зупачниќ"...Исто така, ме разочара и што Глигор воопшто не се впушти во преведување на оние делови на романот кои ги напишав на измислен дијалект, туку ги остави во оригинал. Буквално во оригинал, значи и – на латиница! Колку што знам, тоа не е службеното писмо во Македонија.

Со оглед на тоа што не го владеам македонскиот јазик толку колку што би сакал, се надевав дека она што го открив е сè, но наскоро по мејл ми стигна и таблица со стручна споредбена анализа на мојот оригинал, и словенечкиот и македонскиот превод. Ужас! Мислев да кажам нешто за тоа, многу пристојно и со одбрани зборови, на промоцијата на „Осмиот повереник" на саемот на книгата во Скопје, но немав прилика за тоа бидејќи таа промоција воопшто не беше одржана, бидејќи ја организираше – погодете од три пати кој – Глигор Стојковски! Никаде не беше најавена ниту огласена, никој жив немаше, дури ни самиот Глигор не се појави на штандот на Култура во договорениот термин, не знам зошто. Дојдоа само моите нови пријатели Игор Исаковски и Венко Андоновски, со тоа што Венко дојде затоа што требаше да биде презентер...Сепак, додека со нив излегував од павиљонот, на гравче и Скопско, ми пријде една преслатка девојка и ми побара автограм на нејзиниот примерок од романот. Рече дека го прочитала и дека страшно ѝ се допаднал, изгледаше преплашено како птичка..Не се сеќавам што ѝ напишав во посветата, можеби нешто сосема банално, но знам дека никој не добил од ниту еден писател толку радосна и горда посвета!

Да нема забуна – не мислам ништо лошо за Глигор Стојковски, многу е пријатен во приватното дружење и всушност едвај чекам повторно да се сретнеме и да се гушнеме, но можеби би требало да размисли околу тоа да крене раце од преведување. Не целосно, но да не преведува повеќе од една книга годишно. И тоа, обавезно, да не биде самиот свој лектор, редактор и уредник.

Заради таквото почетно искуство го замолив Игор Исаковски, преведувач и издавач на Хотел Гранд, да се консултира со повеќе луѓе, и во текот на преведувањето и на самиот крај, бидејќи, како што велат во Далмација, „еден човек и едно магаре знаат повеќе од само еден човек". Игор се консултираше со повеќе луѓе и, по она што го слушам, заврши одлична работа. Барем како преведувач. А како издавач и продавач – тоа чекам да ми го покаже. Ако не – нема никогаш да му ги вратам купачите кои ми ги позајми предминатото лето во Струга!

На крај на овој ужасно долг одговор (тоа е една од најубавите димензии на интернетот – не постои зададен број редови и страници!), ви должам уште нешто за книжевниот „успех" дома и во странство. Успех во книжевноста е крајно релативна категорија. Да речеме, мојот Осми повереник во Хрватска за шест години е продаден во 15.000 примероци, во 2004. ги освои петте најголеми национални книжевни награди, но пред некој ден добив порака од 23. по ред германски издавач кој не сака да ја објави таа книга...Од друга страна, од Украина тој роман добива само ловорики, но сите авторски права и авторскиот процент од првите 1500 продадени примероци изнесуваат само – 450 евра хонорар...Ви велам, книжевниот успех е многу релативен поим.

П: Дали постои „хрватска книжевна критика" и дали нејзиното мислење ви е важно? Дали му е воопшто некому важно? Колку се хрватските 'критичари' морално и финансиски корумпирани (ако се)?

О: Во Хрватска постои книжевна критика, но во услови на неолиберален капитализам на медиумскиот пазар таа е истуркана на самата маргина на јавниот интерес. Во „Слободна Далмација", весник во кој одработив најмногу години од мојот новинарски стаж, постоеше културен прилог „Форум", повеќе пати наградуван како најдобар прилог во хрватските дневни весници. Но, кога во новинската куќа дојдоа нови сопственици, пред пет години, го укинаа и наместо него започнаа прилог „Недвижности", со огласи за куќи и станови. Тоа им носи повеќе профит од културата, јасно...Слично е и во другите весници со поголем тираж, така што книжевната критика е сведена на многу ниски гранки.

Од друга страна, речиси десет години имаме перверзна ситуација во која некои луѓе се истовремено и писатели, и уредници во издавачките куќи, и книжевни критичари. Тешко е во такви услови да се остане објективен, веројатно и невозможно. А што се однесува до релевантноста – постојат сепак уште три, четири имиња на кои читателите им веруваат, и покрај повремените скокови во клиентелизам. Постручната публика тоа многу лесно го препознава но, заради погоре опишаната ситуација, му простува на критичарот секогаш кога се прави поглуп отколку што е. Повеќе од тоа и не можам да ви кажам, затоа што не сум детално упатен во состојбата на хрватската книжевна сцена, уште помалку во нејзиниот бекстејџ, ниту пак сакам да бидам.

П: Дали некогаш сте биле во јавна куќа?

О: Ах, конечно се враќаме назад во животот! Не, не сум бил никогаш во јавна куќа, иако тоа искуство долго сум го посакувал. Не сум бил со ниту една проститутка, барем колку што ми е познато. Веројатно сум премногу срамежлив за тоа, не знам да прашам прв, а не се осудувам потврдно да одговорам на директна понуда. Освен тоа, прилично е сигурно дека воопшто немам пари за најдобрата јавна куќа и најдобрите проститутки, а ништо помалку од тоа не ме интересира...Ако успеам да проживеам толку, и да заштедам, за 80. роденден сигурно ќе си го дозволам тоа искуство, еве свечено се колнам!

П: Што сакате да читате? Кои се вашите топ 5?

О: Би сакал ден-два секоја недела да работам во книжарница или библиотека, па да можам да ги прочитам првите пет страници на секоја книга која ќе ме привлече со насловот или дизајнот. Би ги читал до крај, секако, само оние кои ќе ме натерат со искрена љубопитност да ја свртам и шестата страница...Неверојатен е (и за среќа и непознат, дури и на мене) бројот на книги кои сум ги испуштил од рака само по две-три страници. Такви навистина читав само кога морав, за лектира или на факултет. Книгата мора да има мамец на почетокот, или во содржината или во стилот. Исто така, мора да има уште неколку такви мамци „посеани" пред крајот, а помеѓу нив може да биде и мудра и досадна и напорна за читање. Еве, последната книга која ја прочитав е „Ловец на змејови" од Халид Хусеини, Американец роден во Авганистан. Многу, многу вешто напишан роман. Кога ми се чинеше дека авторот потонал во претерана патетика, веќе на следната страница ме закачуваше со нова јадица во болно трагичната фабула.

А кога ме прашувате за пет книги заради кои би бил спремен да се тепам, хм, пет се премалку. Но еве, да пробам:

Јарослав Хашек: „Доживувањата на добриот војник Швејк во светската војна"
Иван Кушан: „Преправениот просјак"
Богумил Храбал: „Секој ден чудо"
Михаил Булгаков: „Мајсторот и Маргарита"
Ричард Докинс: „Илузијата за Бог"

За образложување на мојата наклоност кон секој од овие наслови би ми требало редови колку за цело ова интервју, а во секое од тие образложенија би можел да образложувам и зошто меѓу тие пет не е не која друга книга, па да пишувам за неа...Е, кога сме кај тоа, ми паѓа на памет: шестото место на таа листа би завземал мојот роман „Раскажувај ми за неа"! Не затоа што е нешто ужасно добар, туку затоа што тоа е мојот најпотценет роман, сите нешто се срамат од него, иако на него сум горд исто колку и на останатите два. Никој за него не знаеше да ми каже или да напише ништо лошо, неговата маана беше само во тоа што беше сосема различен од неговиот претходник, Осмиот повереник. На крајот на краиштата, еве, ни вие не го спомнувате во разговорот, како и вам да ви е неудобно што сум го напишал, иако не сте го прочитале, а можеби не сте ни чуле за него. Малку ме боли што таа книга толку се прескокнува и заобиколува додека се зборува за моето дело, како да не постои. Ќе ви пратам еден хрватски примерок, а кој знае, можеби за година-две ќе осамне и во македонски превод.

П: Кого би препорачале од современите хрватски или балкански писатели?

О: Славољуб Станковиќ, Тања Мравак, Анте Томиќ, Борис Дежуловиќ, Емир Имамовиќ, Селведин Авдиќ, Предраг Луциќ, Нада Гашиќ, Оља Савичевиќ-Иванчевиќ..За почеток.

П: Како живеете? Дали сте задоволен од тоа каде сте и кога сте? Ако не, каде би сакале да бидете?

О: Кога ме прашуваат што би бил кога одново би можел да бирам, одговарам кратко и јасно: „Хју Хефнер!". Со оглед на тоа што Хју се сетил самиот на ова пред да бидам роден – морам да бидам задоволен и со ова што ми е дадено, не знам како би се снаоѓал ваков каков што сум да сум некој друг, па уште и во некое друго време. Во животот имав трагедии кои радо би ги менувал за некои досадни месеци, но имав и радости кои не би ги менувал за ништо друго..Се обидувам да бидам што поподнослив маж, татко и писател. Некогаш дури и успевам во тоа, а тоа не е мала работа!

17 декември 2010 - 00:00