Ѓуровски: Ќе барам играчи со карактер

Македонската фудбалска репрезентација утревечер на „Филип Втори“ ќе го нагости првиот противник во новата година, а тоа е селекцијата на Летонија која е 111 на ранг листата на ФИФА. Новиот предводник на нашата селекција со нови сопствени принципи ќе се обиде да го подобри квалитетот во нашиот тим.

Новиот квалификациски циклус за ЕУРО 2016 година стартува на есен, а пријателскиот натпревар против Летонија за новиот селектор Бошко Ѓуровски ќе претставува запознавање со играчкиот ростер со кој располага.

„Ова е еден нов почеток за мене и за репрезентација пред новиот циклус кој се разбира дека сакаме да го започнеме со победа. Сакам на терен да видам играчи победници со карактер кои ќе играат модерен и агресивен фудбал. Треба да го респектираме секој противник, но и да не се плашиме од никого. Само со таков пристап ќе имаме шанса за успеси“, вели Ѓуровски.

Во отсуство на Пандев и Новески, селекторот рече дека идните лидери на националниот тим треба да бидат Агим Ибраими и Иван Тричковски, кои инаку викендов постигнаа фантастични голови за своите клубови.

„Ова е нов почеток за нас, со нов селектор. Ќе покажеме дека сме подготвени за предизвикот. Секој меч треба да одиме на победа, а само така ќе ја зголемиме самодовербата“ рече Тричковски.

„Со агресивност, со максимална желба за победа и посветеност верувам дека ќе победиме против Летонија и ќе најавиме подобри денови за репрезентацијата на Македонија – изјави Агим Ибраими.

Како дополнителна мотивација за репрезентативците Ѓуровски го поканил славниот музичар Влатко Стефановски кој ќе биде присутен на денешниот тренинг на Македонија.