Германецот кој имаше топовски удар со глава

Некогашниот напаѓач на Удинезе и Милан, Германецот Оливер Бироф е стрелец на првиот златен гол на едно меѓународно натпреварување.

Во едно од највозбудливите финалиња на Европските првенства, во 1996. година во Англија играа Германија и најголемото изненадување на тој шампионат, Чешка Република. За Чесите тоа беше прво учество на еден шампионат на Стариот континент.

Во 59. минута, легендарниот играч на Ливерпул Патрик Бергер одлично изведе пенал и ги донесе Чесите во водство за делириум на трибините. Шмицер, Бергер и Поборски беа главните ведети на селекцијата која беше на одличен пат со злато да го круниса првото учество на ЕП.

Германците, онака како што само тие знаат тргнаа на се или ништо и во 69. минута на теренот влезе Оливер Бироф, фудбалерот кој само неколку месеци претходно играше во втората италијанска лига Серија Б.

Пет минути му требаа на корпулентниот Бироф со глава да го матира чешкиот голман. Со 1-1 се замина во продолженијата, се играше на златен гол којшто требаше да го одлучи новиот европски првак. Бироф повторно беше кобен за Чесите и на Германците им го донесе толку посакуваниот трофеј со златен гол, прв во историјата на некое големо првенство.

Оливер Бироф беше најдобар стрелец во италијанското првенство во сезоната 1997/1998. Тоа беше причина за него сериозно да загризе славниот Милан и да го ангажира од Удинезе. Следната 1998/1999 година Оливер Бироф го освои Скудетото а истата година во Германија ја доби наградата за најдобар играч. Во 2003. година ја заврши кариерата во Киево од Верона.

30 август 2015 - 13:29