Фолксваген Буба, народната кола на Хитлер и подемот на Волсфбург

Волсфбург, град на реката Алер, 75 километри источно од Хановер е град со најголемата фабрика за автомобили на светот, изграден врз село во 1938-ма година. Најголема забава за жителите е бундеслигашот Волфсбург кој во 2003-та сензационално ја освои шампионската титула.

Wettkampfgemeinschaft Betriebssportgemeinshaft Volkswagenwerk Stadt des KdF-Wagens е името на клубот основан во 1938 година.

Овој клуб требал да стане главен извор на забава за еден од најработничките градови во изградба во Германија. Но во 1945-та клубот бил распуштен, а околу големата фабрика веќе немало села, туку високи згради.

После Втората светска војна се појавил познатиот Волфсбург, клуб кој долги години пател во аматерски и регионални лиги. Но заводот Фолксваген решил да продолжи да го поддржува клубот. Овој гигант и ден-денес го држи клубот со буџет од околу 80 милиони евра годишно. 

ХИТЛЕР МЕЧТАЕЛ ДА СОЗДАДЕ НАРОДЕН АВТОМОБИЛ ПА КРЕНАЛЕ ЦЕЛ ГРАД

На почетокот на '30-те години секој педесети Германец имал кола. Mercedes, BMW и Adler активно произведувале автомобили.

Во 1933 година на состанок меѓу Адолф Хитлер, Јакоб Верлин (представник на гигантот Daimler Benz) и Фердинанд Порше (основач на Porsche), се појавила идеја за народен автомобил чие производство ќе го поддржува државата.

Хитлер барал да се создаде современ модел кој ќе може да си го приушти секој просечен Германец. Максимална цена за оваа кола била 990 рејхсмарки.

Ова ги исплашило приватните компании кои мислеле дека ќе им опадне продажбата ако се појави така евтина кола. Тогаш Порше разработил прототип, а Хитлер решил да изгради фабрика која ќе биде симбол на индустриската моќ на Третиот Рајх. 

На 26 мај 1938-ма Хитлер го фрлил камен-темелникот за изградба на место за разонода на народот, преку организацијата „Сила преку радост“ која инвестирала 50 милиони рејсмарки за да во селото Фалерслебен направи фабрика и подигне цел град.

Но во годините на страшната Втора Светска војна, оваа фабрика заборавила на производство на народна кола и штанцала воена техника.

Поради недостиг на постојано население во ова село доаѓале затвореници од логорот Арбајтсдорф кои биле принудни работници. Пола век подоцна гигантот Фолксваген ја открил скриената тајна за 15.000 луѓе затворени во логорот кои биле приморувани да работат.

Фолксваген во превод значи народен автомобил. Еден од првите модели ви е сигурно добро познат: „Буба“

По Втората светска војна фабриката на Фолксваген потпаднала под британска зона на окупација. Комисија составена од водечките англиски производители на автомобили слабо ја оценила оваа кола:

„На повеќето купувачи не им се допаѓа. Грда е, моторот е прегласен, не е исплатливо да се купи“.

А потпретседателот на „Форд“, Ернст Брич лаконски изјавил дека ни колата, ни фабриката не вредат скршена пара. Во ХХ век имало тренд за омаловажување на „бубата“, прво германската а потоа и произведената во Ливерпул.

Веќе во 1945 година градот бил преименуван во Волфсбург во чест на еден замок во близина. Се основал и фудбалски клуб со зелено-бела боја. Се решиле за оваа комбинација зошто тренерот Бернард Елберскирх на пазар нашол десет зелени маици, а познаничка му сошила 10 бели шорцеви.

ВОЛФСБУРГ Е УНИКУМ ВО ГЕРМАНСКИОТ ФУДБАЛ

Гигантот Фолксваген поседува 100% од акциите во фудбалскиот клуб Волфсбург. Клубот бил прв кој го заобиколил правилото 50+1 - односно ниту една фирма да не може да поседува клуб со повеќе од 50% од акциите. Мнозинството акции треба да им припаѓа на навивачите на секој клуб. Ова правило го изигра и Ред Бул Лајпциг пред неколку години.

Ова кршење на витешкото правило не им се допаѓа не само на навивачите туку и отворено на многу официјални лица од другите клубови.

Во 2105-та година Волфсбург за Андре Ширле платил 32 милиони евра и тоа беше трет најскап трансфер во историјата на Бундеслига.

Дури и првиот човек на Борусија Дортмунд Ханс-Јоаким Вацке во една прилика жестоко го критикувал Волфсбург за кршење на правилото 50+1. Тој рекол дека Дортмунд е извор на живот за Бундеслигата во однос на ТВ правата, за разлика од овие платени клубови со мала фан-база.

Компанијата за истражување на ТВ пазарот, Media Control објавила дека мечот Волсфбург - Баер Леверкузен (уште еден клуб кој го игнорира правилото 50+1) во април 2013-та на тв го гледале само 5.000 гледачи. Фактички никаков рејтинг.

Интересно дури 16 клуба од Бундеслига во сезонава 2020/2021 се постари дури и од градот Волфсбург.

Во периодот на германското економско чудо веднаш после Втората светска војна и процватот на Фолксваген, во градот доаѓале работници од цела Германија. Градот немал никаков идентитет, за луѓето Волфсбург претставувал место за работа, не и дом.

Тоа се одразило и на фудбалот. Најчесто доаѓале играчи од Хановер и Брауншвајг, соседни големи градови со долга фудбалска традиција.

Во 1970-те години во градот Волфсбург се основала заедница на италијанската дијаспора која броела околу 5.000 имигранти од Италија кои работеле во фабриката, отворале италијански ресторани и навивале за фудбалскиот клуб Волфсбург.

Но клубот не бележел некои блескави резултати и се засолнил во втората германска Бундеслига дури во '90-те години, кога Фолксваген решил сериозно да се позанимава со клубот. Компанијата цели 40 години го поддржувала Волфсбург, но спонзорско лого на дресот се појавило дури во сезоната 1993/1994.

Во 1997-ма година Волфсбург дебитирал во елитната Бундеслига и од тогаш самоуверено се држи во најдоброто друштво.

Успесите на терен полека ги привлекло и локалните жители па поддршката раснела.

На модерната „Фолксваген Арена“ која има капацитет од 30.000 места, во последната сезона со гледачи пред глобалната пандемија, во просек имало по 24.000 навивачи. Оваа бројка не е воопшто мала, но во споредба со другите стадиони во Германија е во долниот дел од табелата за посетеност.

Во еврокуповите Волфсбург има дури и помала посетеност поради тоа што натпреварите се играат во тек на работна недела. Нетипично за Германија, навивачката група на Волсфсбург брои околу 300-400 луѓе. 

„Ако Фолксваген има проблеми, тогаш ќе има и фудбалскиот клуб. Фолксваген е фундамент на Волфсбург. Без фабриката, клубот не би опстоел“, рече еднаш поранешниот центарфор на клубот Џонатан Акпобори.

Во градот има и банка „Фолксваген“, трговски центар и фабрика за производство на месни производи. Во 2009-та година Волфсбург предводен од Феликс Магат го направи најголемиот успех и стана шампион на Германија. Сензационално ја освои титулата пред гигантите Баерн и Дортмунд.

Во истата година Фолксваген стана и најголемиот производител на автомобили во светот со најголема продажба.

Во 2013-та Волфсбург стана најбогат град во Германија со БДП по глава на жител од 128.000 долари.

Клубот вложил повеќе од 100 милиони евра за трансфери на Кевин Де Брујне, Андре Ширле и Јулијан Дракслер и стигна до четвртфинале на Лига на шампиони каде испадна од Реал Мадрид (триумф 2:0 во Германија и пораз 3:0 во Мадрид со хет трик на Кристијано Роналдо).

20 јануари 2021 - 12:48