Логос, етос и патос: или зошто Тоше мора да биде „ангел“?

Аристотел ја дефинира реториката како способност за убедување: добар ретор, односно говорник, значи не е оној кој ја зборува вистината, туку оној кој успева да ве убеди дека нешто е точно или погрешно, дури и кога лаже.

Има три нивоа на кое функционира реториката, вели Аристотел. Првото е она на разумот (логос) - преку користење апстрактен јазик, метафори, аналогии, цитати, факти, експертски ставови и статистики убедувачот цели на вашата способност за логичко расудување, обидувајќи се да постигне когнитивна, рационална реакција која му оди во прилог.

Второто е она на етиката (етос) - преку користење на јазик разбирлив за публиката и соодветен за темата, убедувачот настапува искрено и чесно, покажува почит кон слушателите и ја стекнува нивната доверба, која не се однесува толку на неговата компетентност колку на неговиот шарм: ако веруваме дека некој не ни мисли лошо, тогаш полесно му веруваме.

Третото е она на емоцијата (патос) - преку емоционално набиен говор, со живи описи, трогателни примери и фигуративен јазик, луѓето почнуваат да веруваат во нешто базирано само врз нивните чувства, без вистински да ги анализираат аргументите зад нечие тврдење. Ова е најсилното и потенцијално најманипулативното реторичко средство, бидејќи го прави излишно најтешкото прашање - прашањето „зошто?“.

Овие три средства често се користат истовремено, како симултан реторички напад. Па сепак, има ставови кои можат да се пласираат исклучиво со посредство на патос. За нив не вреди да ви говорат ниту најголемите експерти, ни најсимпатичните говорници - ним едноставно треба да им се предадете, не со разум, туку со сето тело и душа. Во историјата на идеите вообичаено нарекувани „догми“, вакви ставови кои безрезервно се прифаќаат можат да бидат неприкосновени верски вистини, верувања во исправноста на тоталитарните идеологии или во непобитноста на научните факти, но и некакви колективни ’догми’ - принципи чија исправност не се доведуваат во прашање, кои се вистинити и без доказ.

Во догматски настроените, конзервативни заедници, статусот на оние кои не се убедени во она во што е убедено мнозинството може да варира од репресирани и маргинализирани, до анатемисани, затворани и убивани. Во формално демократските заедници, но со силни конзервативни струи, механизмите на дисциплинирање („убедување“) на таквите поединци се спуштени од макро ниво (она на државата и „институциите на системот“), на ниво на микро-колектив, но во принцип функционираат многу слично. Црковните анатеми се заменети со комшиски оговарања и клетви, а физичките ликвидации со виртуелни медиумски масакри. Бидејќи убеденоста базирана на патос по дефиниција е многу поцврста од убеденоста базирана врз логос или етос, групата составена од „догматици“ е појака, и во напад и во одбрана, од сите останати, кои или воопшто не веруваат (и оттаму се веројатно силни индивидуалци кои и онака со никого не се здружуваат), или веруваат врз база на поинакви аргументи. Чувствата на првите е извор на нивната непоколебливост. Разумот на вторите ги прави ранливи и кревки. Во еволутивни рамки последниве сигурно губат. Но дури и во real time не им е лесно.

„Ангел си ти, јас пеам за тебе..“

Но не се само верските и идеолошките догми клучот за формирање на колективниот идентитет и дефинирање на неговите непријатели - во сферата на јазикот простото мантрање на етаблираните метафори и метонимии, при што една метафорична споредба недвосмислено, речиси канонски се поврзува со само една идеја, личност или концепт, служи како знак за разликување на „верниците“ од „неверниците“, патриотите од предавниците, стрејтерите од педерите, нормалните од первезните, нормалните од лудите. За обожавателите на Мајкл Џексон „крал на попот“ може да биде само тој и никој друг. За жителите на Париз „град на светлината“ може да биде само францускиот главен град. „Татковци на нацијата“ историски имало повеќе, но за една нација тоа сепак бил само еден. Ваквите синтагми не се само стилски фигури - тие се вербални фластери кои го придржуваат месото на колективниот идентитет. Одлепете еден фластер, се отвара рана. Одлепете ги сите, колективното тело почнува да крвари.

Повеќето од оние кои ја користат синтагмата „македонскиот ангел“ веројатно не мислат стварно дека Тоше Проески, на кого таа се однесува, е на небото, во бела свилена облека со крилца на грбот, како што вообичаено се претставуваат ангелите на честитките за Св. Валентајн. За нив човек со ангелска природа е веројатно некој кој ги поседува најдобрите човечки особини, кој треба да служи како пример каков треба да се биде, некој чист, некорумпиран и безгрешен, токму каков што според нив бил Тоше. И сето тоа е во ред, сè до моментот кога истото мислење за Тоше мора да го имаат и сите останати, и уште повеќе, кога тоа свое мислење мора да го искажуваат и со - истите зборови! „Раскажи ја лекцијата, со свои зборови“ нè учеше наставничката во пето, но затоа песничките за Тито мораа да се учат на памет.

Во тоталитарни контексти она што е колективно важно не трпи импровизации и креација, не смее да се преиспитува, нема потреба логички да се аргументира, она што е важно се прифаќа со чиста верба, со патос. Во етимолошките речници под старогрчкото „патос“ се подразбира „квалитет кој предизвикува тага, страдање и болка“, она чувство кое, на пример, требало да го предизвикаат кај гледачите античките трагедии. Но современата конотација на „патос“ е повеќе поврзана со англиското lame, нешто лигаво, местено емотивно, изнасилено, со други зборови - патетично.

Токму такви, патетични, стануваат и постојаните поврзувања на Тоше со ангелите, кои место да предизвикаат оправдана тага за едно талентирано младо момче кое заминало прерано, кај „недогматски“ настроените поединци има сосема спротивен ефект. Одбивајќи да зборуваат за Тоше во униформен клуч, тие не само што стануваат отпадници од колективот Македонци/христијани/обожаватели на „македонскиот ангел“, туку се прогласени и за нелуѓе, такви кои не се способни да се сродат со колективната болка и страдање, кои остануваат рамнодушни пред колективниот патос. Како во рекламата на Владата на РМ „Ти си Македонија“ тоа се оние кои седат додека свири македонската химна, кои се виновни за цепењето на македонското знаме, за крварењето на македонското „тело“, за одлепениот македонски фластер.

Патологијата е проучување и дијагностицирање на одредена болест преку испитување на органи, ткива, телесни течности, и цели тела, но кога тие се веќе мртви. Ќе стигнеме ли да ги дијагностицираме изворите на нашите страдања и болки, и ќе ги излечиме ли, пред да паднеме во рацете на патологот?

И.Ј., 2008

12 август 2016 - 20:53