Еден град, два света - кој е домаќин и главен во куќата?

На 17 октомври во 18 часот во рамки на 4. коло од Серија А се игра големото градско дерби Интер - Милан. Двата клуба во моментов статистички имаат најдобри резултати и најдолга серија без пораз меѓу сите тимови во Италија.

Кој од миланските колективи ќе победи во главното дерби на Италија и ќе ја продолжи успешната серија?

ДЕРБИ НА ДВА СВЕТА

Газета дело Спорт со неколку епитети го најави градскиот дуел за време на репрезентативната пауза:

- „Дерби на заболени“ - еден од насловите на Газета беше посветен на големиот број позитивни во двата клуба;

- „Дерби на два Х“ - претпоставка е дека најголеми дуели ќе водат можеби најдобрите играчи на двата тима од почетокот на сезоната, крилните бекови Тео Ернандез и Ашраф Хакими (на двајцата презимињата им почнуваат на Х и двајцата дојдоа од Реал Мадрид)

- „Дерби на кралевите“ - за двајцата најдобри напаѓачи на двете екипи Златан Ибрахимовиќ и Ромелу Лукаку (Швеѓанецот по враќањето во Милан на социјалните мрежи напиша „Кралот се врати во градот“, а Белгиецот после последното дерби кое Интер го доби со 4:2 одговори: „Во градот има нов крал“ и го закачна Ибра)

- „Деби на балканци“ - и во Интер и во Милан има многу играчи од ова поднебје: Хандановиќ, Коларов, Перишиќ, Брозовиќ, Ребиќ, Круниќ, Ибрахимовиќ.

Епитетот дерби на два света може да се препише и поради тоа што Интер има латино-американци: Видал, Алексис Санчез и Лаутаро Мартинез а Милан Африканци: Бенасер и Кеси.

Верувале или не, Интер во својот состав како ретко кога нема ниту еден играч од африканска репрезентација, а Милан од Јужна Америка има само еден но Дуарте никогаш не заиграл за репрезентацијата на Бразил.

Првпат после цели 22 години миланското дерби ќе помине без јужно-американец во дресот на Милан: Пакета летово го напушти клубот а Дуарте нема да биде во составот.

Интер го води кинескиот гигант Suning, а Милан американскиот хеџ-фонд Elliott. Меѓу овие две земји во последно време нема добар однос, иако клубовите многу не навлегуваат на тој дневно-политички план.

МИЛАН НЕ ГО ПОБЕДИЛ ИНТЕР ВО СЕРИЈА А ЦЕЛИ 8 НАТПРЕВАРИ ОД 2016, ОД ТОЈ СОСТАВ ВО ТИМОТ СЕ САМО ДОНАРУМА, РОМАЊОЛИ И КАЛАБРИЈА

Последниот триумф на росонерите датира од далечната 2016-та година. Тогаш Милан под водство на Синиша Михајловиќ го згази Интер со 3:0. После тоа Милан ниту еднаш не се израдува на 8 меча по ред: 3 нерешени и 5 порази.

Од таа победа со Синиша, во клубот останаа само тројца играчи: Џанлуиџи Донарума, Алесио Ромањоли и Давиде Калабрија. Последниов остана на клупата за резерви на тоа дерби.

МИЛАН И ИНТЕР ИМААТ НАЈДОЛГИ СЕРИИ БЕЗ ПОРАЗ ВО СЕРИЈА А ВО МОМЕНТОВ

Миланезите веќе 15 меча во серија во италијанското првенство не ја почувствувале горчината на поразот, а Интер 11 меча по ред исто не знае за пораз. Можно е некој да ја прекине серијата во сабота вечер.

Што се однесува до Милан со тренерот Стефано Пиоли, тие немаат пораз на 19 средби по ред во сите натпреварувања (со се еврокупови и Куп натпревари). Подобра серија Милан имал само во 1996-та година кога славната генерација водена од Капело не знаела за пораз 42 меча по ред!

ДРУГИ ЗАНИМЛИВОСТИ:

1. Милан е единствна екипа без примен гол од почеток на сезоната во Серија А (по пресудата за технички пораз 3:0 на Наполи со Јувентус);

2. Интер е втор во цела лига по број на постигнати голови после Аталанта - 10 дадени (по 3,33 во просек по натпревар). Милан постигна 7 гола на три меча во Серија А (2,33 во просек);

3. Милан и Аталанта се единствени екипи во Серија А кои собраа најмногу бодови по првите три кола (по техничкиот пораз на Наполи 3:0 од Јувентус);

4. Милан примил најмалку голови од сите во Серија А за цела 2020 година - 22 примени на 25 меча (0,88 во просек по натпревар);

5. Милан е лидер во Серија А по натпревари без примен гол во цела 2020: на 25 меча во италијанската лига росонерите дури 10 пати го завршиле мечот без да им се затресе мрежата (40%). Во сите натпреварувања Милан на 32 меча во 2020-та година 13 натпревари ги завршил без да прими гол (40,6%) и тоа е најдобар показаел меѓу сите италијански тимови;

"Niko nema njegovo iskustvo. Takođe ni tehniku, viziju, sposobnost postizanja golova, asistiranja, motivisanja saigrača....

Posted by Serie A - Balkan on Thursday, 15 October 2020

6. По рестартот на минатата сезона по паузата Милан и Интер се лидери во Серија А по категоријата постигнати голови: 42 има Милан на последните 15 меча (2,8 по натпревар), 40 дале нераѕурите на 15 последни средби (2,66 во просек по натпревар);

7. По рестартот на минатата сезона по паузата Милан и Интер примиле најмалку голови од сите екипи во Серија А - 12 и 17 на последните 15 меча;

8. Милан и Интер одиграле 209 меѓусебни дуели досега за целата историја (повеќе дуели одиграле само против Јувентус): 76 победи имаат нераѕурите, 68 росонерите, а 65 меча завршиле нерешено. Интер дал повеќе голови (273), Милан постигнал (267).

9. Антонио Конте како тренер никогаш не изгубил од Милан - 8 победи и 3 нерешени на 11 меча против росонерите (72%). Стефано Пиоли, пак, како тренер против Интер има по 4 победи, 4 нерешени и 8 порази на 16 меча (26% триумфи);

10. Пиоли како тренер никогаш не го победил Антонио Конте - има 3 нерешни против него и 5 порази на 8 меѓусебни среќавања;

11. Интер постигнал 121 гол на 56 меча под водство на Конте (во просек 2,16 гола), а Милан откако Пиоли е седната на клупата, реализирал 71 гол на 37 натпревар (1,92 по меч);

12. Интер е единствената топ екипа со која Милан уште не се сретнал по принудната пауза поради коронавирус. Со останатите клубови од Топ7 во Серија А Милан победи против Рома 2:0, против Лацио 3:0, и Јуве 4:2, а играше нерешено со Наполи 2:2 и со Аталанта 1:1.

Но најважно е да се напомене дека на последниот дуел со Интер 4:2, Милан изгуби после водство 0:2.

ИНТЕР ИМА ПОГОЛЕМИ ПРОБЛЕМИ СО СОСТАВОТ, А МИЛАН НЕМА КЛУЧНИ ЗАГУБИ

Интер во еден момент остана без 7 важни играчи: 5 се позитивни на вирусот: Милан Шкриниар, Раџа Наинголан, Роберто Гаљардини, Јонуц Раду и Ешли Јанг, а повреден е Матиас Весино. Стефано Сенси нема да игра поради црвен картон од претходниот меч.

Кај Милан: Матео Мусакио уште се враќа во ритам по повредата, Лео Дуарте и Матео Габија се позитивни на вирусот, а Анте Ребиќ најверојатно нема да успее да се опорави на време по тешката повреда на лактот. Се враќа капитенот Алесио Ромањоли и бекот Андреа Конти кои беа повредени уште од крајот на минатата сезона.