Џиџи Буфон на 44 години потпиша нов договор за Парма

Ако на некој фудбалер меѓу ветераните дефинитивно не му се седи дома, тоа е легендата, иконата и симболот на позицијата голман, Џиџи Буфон. Човек кој не знае за доста и кој постојано ги поместува границите. Човек кој брани неверојатни 27 години, од 1995-та. Неверојатно.

На 28 јануари Буфон наполни 44 години и точно еден месец подоцна излезе веројатно со најнеочекуваната вест, а тоа е дека ќе брани уште две години. Договорот со Парма му истекува во 2023-та, но тој потпиша нов, до 2024-та.

Кога ќе ја одигра сезоната 2023/2024 во јуни месец ќе има 46 и кусур, а за понатаму кој го знае. Не даваме никаква прогноза, особено што во моментов низа глава ни помина Миура.

„Имаме чест и сме пресреќни што може да ви соопштиме дека Буфон го продолжи договорот до 2024-та. Џиџи е пример за сите“, изјави претседателот на Парма.

„Ова е убав ден. Се случи тоа што го сакав јас, претседателот, навивачите и се надевам цел град“, кажа Буфон.

Не паметиме друг голман со стаж од 27 години и ваква возраст, барем не во некоја прва лига. Примерот со  прилепското село Дреновци е сепак друг левел.

Буфон дебитираше во Парма на 17 години во 1995-та, кога немавме интернет, барем не во Македонија, а сега сме 2022-ра. Голман во четири различни декади, два века и два милениуми. Каква сторија.

Најголемиот белег го направи Јувентус, каде бранеше нецели 20 години, од 2001-ва до 2021-ва, со исклучок на една сезона мината во ПСЖ (2018/2019).

Освои рекордни 10 Скудета, како и 6 Купови на Италија, 7 Суперкупови, 1 Куп на УЕФА, а потоа во Париз домашна титула и Суперкуп на Франција.

Со Италија го освои Мундијалот во 2006 година, а на Европските првенства стигна до финале (2012). ЕП 2000 на кое Италија беше финалист го пропушти поради повреда.

Синоним за старост во италијанскиот фудбал е Марко Балота кој и натаму држи два рекорди како голман на Лацио. Најстар голман, односно воопшто играч кој настапил на две натпреварувања: Серија А (44 години и 38 дена) и Лига на шампиони (43 години и 253 дена).

За Џиџи да му ги сруши овие два рекорди, се разбира дека ќе биде потребно второлигашот Парма да стигне до овие натпреварувања. Во случај да не се случи тоа, тој секако ќе биде најстар играч кој воопшто заиграл во Италија.

Буфон е неприкосновен со многу бројки. Рекордер со 657 настапи во Серија А. Рекордер со 176 настапи за Италија. Рекордер заедно со Малдини со над 1.000 настапи во кариерата. Рекордер со 974 минути без примен гол во сезоната 2015/2016.

Инаку два пати ни дојде во Скопје. Прво во 2000-та за мечот Победа – Парма од Купот на УЕФА и 16 години подоцна за Македонија – Италија.

Него да не има во Парма некои подземни води за постариве, бидејќи и Гочето е таму од пред еден месец. 

Погледнете со каква страст ја држи соблекувалната 

28 февруари 2022 - 13:53