Детето кое слуша химна на Лига на шампиони во кола, даде 6 гола на 3 натпревари

Австрискиот Салцбург веќе неколку години е клуб во сопственост на гигантот Ред Бул, којшто не жали пари да се дружи со најдобрите клубови на светот. И таа дружба им оди добро, во првиот пласман во ЛШ во историјата, во 3 кола на нивните средби паднаа 20 гола!

1. коло ЛШ: Салцбург - Генк 6:2
2. коло ЛШ: Ливерпул - Салцбург 4:3
3. коло ЛШ: Салцбург - Наполи 2:3

3 натпревари 20 гола.

Апсолутниот шампион на Австрија (секоја година во март/април им бега 25 бода на конкурентите за титула), игра многу атрактивен и отворен фудбал.

Синоќа против сериозно силниот Наполи, Салцбург имаше поголем посед на топка и повеќе шутеви кон противничкиот гол. Но Австријците не можеа повеќе зошто тоа беше вечер на Дрис Мертенс: Белгиецот даде 2 гола и асистенција за победничкиот на Инсиње.

Интересно, Салцбург дали дал гол или примил, продолжува да игра офанзивно без калкулации.

Ова им беше прв пораз на домашен терен во сите турнири после ноември 2016-та година (пораз од Адмира Вакер). Од тогаш до денес на 71 натпревар имале грандиозни 60 победи и 11 нерешени.

Сезонава пример дома играа вака: 4:1, 5:2, 5:0, 7:2, 6:2, 4:1, 6:0, 2:3.

Салцбург е чудовишно многу ефикасен (на 10 од 16 меча сезонава немале под 4 гола) а веќе е јасно кој дава најмногу од сите - младиот чудесен Норвежанец Ерлинг Халанд (19). Тој дојде минатата зима од Молде за 5 милиони евра а веќе вреди 10 пати повеќе.

Досега сезонава Халанд на 13 меча постигнал 20 гола за Салцбург! Ваков учинок на возраст до 20 години не дал никој во Лига на шампиони. Ниту Мбапе ниту Раул на времето.

Халанд стана првиот играч кој дал 6 гола на првите 3 натпревари во Лига на шампиони и во моментов е најдобар стрелец во елитното друштво. Пред него никој никогаш не дал 6 гола на стартот (на времето Дрогба за Марсеј дал 5 на 3 меча во сезоната 2003/2004).

Ерлинг Халанд е син на Алфа-Инге Халанд, поранешен фудбалер на Нотингем Форест, Лидс и Манчестер Сити.

„Ерлинг е луд. На денот до мечот (оној со Генк во првото коло во кој постигна хет-трик), нашиот капитен шетал со кучето надвор, кога во еден момент поминала кола во која бил Ерлинг. Од колата ечела химната на Лига на шампиони“, рекол за ESPN, соиграчот на Халанд од Салцбург, Максимилијан Вебер.

Не мора да напоменуваме дека телефонот во канцелариите на Салцбург постојано зврцка. Ѕвонат од Торино, од Манчестер, од Париз, и најчесто велат, од Мадрид.