Деби гол на Бензема за Реал од слободен удар

Актуелниот шампион на Шпанија бележи успешен старт со 3 од 3 во домашното првенство. Во топ голгетерска форма и оваа сезона е Карим Бензема кој начека дефанзивец на гол и го постигна првиот погодок од слободен удар откако е на Бернабеу.

Реал Мадрид го доби Еспањол со 1:3 во многу неизвесен натпревар кој за малку ќе завршеше без победник.

Резултатот го отвори Винисиус во 12-та минута, а домаќините израмнија преку Жозелу на крај на прво.

И кога се чинеше дека тука е крајот, Бензема во 88-ма минута погоди за 1:2.

Во судиското продолжение откако им беа извршени сите измени, домаќините останаа без голман, откако Лекомт доби црвен картон.

На голот застана да брани дефанзивецот Кабрера, а Карим Бензема дури во 100-та минута стрелаше уште еднаш и го постигна првиот гол од слободен удар од вкупно 327 погодоци за Реал на сите натпреварувања.

Французинот сега има 222 прволигашки погодоци со кои стана седми најдобар стрелец во Ла Лига. Наскоро се очекува да ги мине Ди Стефано и Раул кои имаат 227 и 228.

29 август 2022 - 08:26