Епски мешап

Нокаут за шах-мат

Има така денови кога човек е фасциниран од некакво интернет откритие. За мене денес е ова - фактот дека постои дисциплина (засега само машка) која го премостува јазот помеѓу физичкото и интелектуалното, во која е подеднакво важно и како се тепаш, и како мислиш. А сето тоа почнало само како СФ идеја на еден стрип цртач.

Во 1992 францускиот уметник Енки Билал го објавува последниот дел од неговиот епски стрип „Никополска трилогија", која го претставува суровоста на животот во пост-апокалиптичен Париз. Насилно е сè, па и спортот, во кој се појавува еден апсурден мешап - шахобоксување.

Дваесет години подоцна нуклеарната апокалипса која тој ја замислувал можеби сè уште не се има случено, но спортoт кој е негова измислица сега е реалност. Повеќе од 250 шахисти-боксери (или обратно) се приврзаници на чудниот, но очигледно привлечен спорт.

Неговиот иницијатор во реалниот свет е перформанс уметник од Холандија, Иепе Б. Т. Рубин (Iepe B. T. Rubingh), кој инспириран од делото на Билал ја организирал првата партија во Берлин пред десет години. Нарекувајќи ја совршена комбинација на „мислечниот спорт број 1 и боречкиот спорт број 1", Рубин се сеќава на стравот дека мечот можеби нема да биде доволно драматичен за да задржи 300 души во салата - „но никој не замина во барот за време на шаховските рунди, сите беа фасцинирани".

Правилата на оваа надреална комбинација на тепање и мозгање се едноставни. Двајца играчи три минути боксираат, и четири минути играат шах, во текот на вкупно 11 рунди. Шампионот може да биде прогласен врз основа на шахмат или нокаут - ако немало ниту едно ниту друго на крајот на овие 11 рунди, одлуката се носи врз основа на бодовите добиени во рингот. Еден долгогодишен натпреварувач вака го објаснува чувството: „Додека адреналинот ти го обзема телото, сепак мораш да се контролираш за концентрирано да ја изиграш шаховската партија. Таа контрадикторност ја разбира секој кој го гледа мечот, и тоа е она што е возбудливо".

Фоторепортерот Ендрју МекГрегор, кој со овој спорт почнал да се занимава откако се вратил од неколку тешки задачи во воени подрачја, вели: „Зошто секој знае кој е Боби Фишер и кој е Мухамед Али? Затоа што шахот и боксот се митолошки активности", додавајќи дека следниот турнир го планира во Лос Анѓелес на Св. Валентин.

Следен предизвик на оние кои се занимаваат со овој спорт е - тој да стане Олимписки. За да се соберат пари за кампања денес (1. фебруари) на Шанзелизе во Париз двајцата во моментов најактуелни шахо-боксери Френк Столд од Германија и Леонид Чернобаев од Белорусија ќе имаат егзибициски меч, а потоа ќе се организира и лицитација на уметнички дела. На продажба ќе биде и слика вредна 150,000 евра, донирана од кумот на спортот, цртачот Енки Билал.

1 февруари 2013 - 09:02