Цигарата во соблекувална која му ја смени кариерата на Шчесни

Денес Војчех Шчесни е еден од најдобрите голмани во Серија А и двократен шампион на Италија со Јувентус. А во 2015-та беше еден од вечно најкритикуваните голмани на Арсенал.

Полјакот имаше неславен престој во Арсенал каде правеше еден куп грешки. Само во сезоната 2014/2015 поради негови 3 груби кикса кои ги однесоа „топџиите“ во пораз.

Последниот натпревар во Премиер лига Шчесни го одиграл на 1 јануари 2015 година - пораз на гости од Саутемптон. Војчех тогаш направи две кардинални грешки, а Арсенал изгуби 2:0 по головите на Садио Мане и Душан Тадиќ.

Навивачите на Арсенал жестоко го критикуваа Полјакот, а Венгер го стави на клупата за резерви не само поради грешките, туку и поради кршење на правилата. Британските медиуми тогаш пишуваа дека голманот е казнет со 25.000 фунти зошто запалил цигара во соблекувална.

СЕ ИСПОСТАВИЛО ДЕКА СТВАРНО ПУШЕЛ ЦИГАРИ, АМА НЕ ИСПАДНАЛ ОД СОСТАВОТ ПОРАДИ ТОА

Војчех Шчесни во моментов е во карантин во Италија и со задоволство се сеќава на минатото. Во интервју за клупскиот подкаст на Арсенал раскажал дека тоа со цигарата се случило на 1 јануари 2015 во гостинската соблекувална на стадионот „Сент Мерис“.

„Во тоа време пушев цигари постојано и шефот одлично знаеше за тоа. Ми забрани да пушам само во соблекувална и добро знаев дека таму не смеам. Но поради голем стрес запалив таму додека екипата уште беше внатре и галамеше.

Отидов во агол кај тушевите за никој да не ме види и запалив цигара. Но некој ме видел а не беше шефот (Венгер). После пар дена Арсен ме праша дали е вистина? Му реков да, вистина е. Ме казни парично и тоа е сè.

После ми кажа дека треба да седам на клупа за резерви некое време. Немаше никакви расправии, јас се примив професионално. Мислев дека после пар недели ќе се вратам во првиот тим, но екипата заигра моќно а Давид Оспина кој ме замени бранеше одлично. Затоа тој стана прв голман.“

Шчесни бранеше само во Купот на Англија. Настапи на 5 меча и му помогна на Арсенал да го освои пехарот. На крајот од сезоната Војчех сакал да докаже дека тој е најдобар голман во екипата. И отиде на позајмица во Рома каде бранеше сјајно.

За две години во Рим Полјакот стана најдобар голман во Серија А и тоа беше знак Јувентус да го ангажира како наследник на Џиџи Буфон.

ПУШЕЊЕТО ВО АРСЕНАЛ БИЛО НОРМАЛНО

Арсен Венгер откако дошол во Лондон радикално го сменил режимот на фудбалерите: од одмор и паузи до рационално користење на слободните денови. Но интересно само кон оние што пушеле не се однесувал радикално.

Дали дека и самиот долги години бил активен пушач?

Тоа е очигледно и по зборовите на Шчесни но и по бројни фотографии во таблоидите на кои се гледа како играчи на Арсенал пушат цигари во друштво. Најчесто на удар беше Џек Вилшер кого го сликале со цигара во ноќен клуб во 2013 година и после во базен во летото 2014-та.

Венгер тогаш изјавил дека Вилшир е професионалец и дека нема да го казнат зошто за време на летен одмор запалил цигара. Но во февруари 2015-та година Џек почнал редовно да пуши цигари додека паузирал со фудбалот поради повреда. Ова се случило еден месец по скандалот со Шчесни во Саутемптон.

Подоцна на слика со цигара биле фатени и Маруан Шамах и Месут Озил.

Во интервју за The Independent, Шчесни вели дека лошите навики ги оставил во Лондон и дека во Италија е многу построго.

„Во Арсенал ме ловеа и јас искрено признавав. Во Рома никогаш веќе такво нешто не ми се случи. Ниту во Јуве“.