Барселона за хуманитарни цели ги продава правата за спонзорско име на стадионот „Камп Ноу“

Првите назнаки од Камп Ноу се дека клубот се решил на ваков потег со цел да помогне во борбата против коронавирусот. Проджабата на правата на име на стадионот може да донесе и до негова реконструкција.

Најпознатиот и туристички најпосетениот стадион на светот ќе има формално име за првпат во своето 63-годишно постоење, објави Барселона. Каталонците планираат да ги продадат правата за име на стадионот за следната сезона со цел парите кои би ги добиле да ги вложат во добротворни цели во борбата против коронавирусот.

Некои го толкуваат овој потег како последица на евентуалната одлука на шпанските власти фудбалот кога ќе продолжи да се игра, да биде пред затворени врати, без публика, па Барса би останала без предвидените средства од продадени карти.

Камп Ноу, што во буквален превод значи „нов терен“, де факто станало име на новиот стадион на Барселона кога се отворил во 1957-ма година.

Сега од сезоната 2020/2021 стадионот ќе носи име на некоја гигантска компанија која ќе биде спонзор на преубавиот фудбалски храм кој има капацитет од 105.000 гледачи, најголем фудбалски стадион во Европа.

Советот на директори на клубот утврдил дека ќе ги стави на продажба правата за име на Камп Ноу за сезоната 2020/2021, а Барса планира во наредните недели да пронајде компанија која би ги купила правата. 

Каталонскиот гигант никогаш немал главен, генерален спонзор ниту за стадионот ниту за екипата. Ова првпат доброволно го сменија во 2006-та година кога дозволија името на Уницеф да стои на дресовите на првиот тим.

Во 2011-та година Катар Фондејшн го замени името на Уницеф на дресовите на Барселона.

Спонзор на Барселона подоцна во 2013-та стана Катар Ервејс, а од 2017-та со мега договор од 59 милиони долари годишно Барса се договори со јапонскиот гигант за онлајн трговија Rakuten. Овој договор трае од сезоната 2017/2018 до 2021/2022.

22 април 2020 - 09:58