Баерн не ги слушал камшиците во Арабија

Германската јавност отвори голема дебата во врска со одлуката на баварскиот клуб да одигра пријателска средба во Саудиска Арабија, во моментот кога во градот Ријад јавно бил камшикуван познат саудиски блогер.

Актуелниот германски шампион на Блискиот Исток престојуваше една недела, а базните припреми пред продолжување на првенството ги сработи во Катар. Пред неделното полетување за Минхен, во саботата Баерн одигра пријателска средба со Ал-Хилал, клуб од Саудиска Арабија и победи 4:1.

Катар, каде се игра ракометното СП и каде во 2022 ќе се игра фудбалскиот Мундијал, е под сериозен надзор од меѓународната јавност поради кршење на човековите права со емигрантите кои работат на инфраструктурата за потребите на спортските настани. Во меѓувреме, пријателската меѓу Баерн Минхен и Ал-Хилал се совпадна со камшикувањето на саудискиот блогер Раиф Бадави, кој беше обвинет за вреѓање на Исламот. Бадави доби 10-годишна казна затвор, 50 пати беше камшикуван во неделата, а го чекаат уште 1000 камшици во следните 20 недели.

„Спортот праќа силна порака, но не секаде. Срамен е гестот на Баерн и тие никогаш не требаше да играат пријателска во Саудиска Арабија, особено не во Ријад, каде веднаш до стадионот, блогерот Бадави беше јавно камшикуван“, изјави Озчан Мулту, портпарол на Зелената партија на Германија.

Баерн Минхен, кој е еден од најбогатите клубови на светот, со годишен буџет од околу 500 милиони евра, соопшти дека натпреварот во Саудиска Арабија бил спонзориран од еден од нивните бизнис партнери, а за припреми во Катар се одлучиле поради одличните услови и температури во овој период од годината.

Обвинувања за Баерн стигнаа и од Абдулрахман бин Муса'д, претседателот на Ал-Хилал, кој изјави дека на неговите играчи им бил забранет влез во салата за вечера на која било договорена средба со фудбалерите на Баерн Минхен.

„Ова е срамно и неприфатливо, тимот ми го избркаа од салата за банкет. Ни потврдија дека заедно ќе вечераме, а на крај не нè пуштија внатре“, изјави Абдулрахман.

Маркус Хорвик, директорот за медиуми на Баерн Минхен изјави дека клубот има намера да се извини, за како вели ненамерната грешка. „Ги чекавме во салата. Ние како гости немаме право никого да бркаме или да не примаме. Жалиме за пропустите и ќе му се извиниме на клубот Ал-Хилал“.