Ако Хрватите го памтат гестот на Комитите, во Скопје ќе биде мирно

Освен по ривалството во бивша Југославија, дуелот меѓу Динамо Загреб и Вардар не наведува да го гледаме и низ призма на инцидентите на ЕП 2016 каде учесници беа неколку хрватски хулигани меѓу кои се верува дека има и поддржувачи на Динамо, а противници на Мамиќ.

Навивачката група Бед Блус Бојс е веќе долго време во војна со првиот човек на Динамо Загреб, Здраво Мамиќ и со години бараат од него целосно да се тргне од клубот каде е обвинет за разни малверзации, пред се перење на пари преку трансфери.

Од скицата која се прошири на интернет се гледа дека токму навивачите на Динамо заедно со оние на Хајдук го ковале планот за инциденти и прекин на мечот Хрватска – Чешка и тоа им успеа во 85 минута.

Сега се поставува прашањето дали БББ ќе се спремаат за нови нереди овој пат на дуелот против Вардар со што одново би го изнервирале Мамиќ или ќе се навратат на гестот на Комитите од 2011-та и ќе се одлучат за мирно гостување на Филип Втори.

Ако се гледа историјатот на ривалството меѓу навивачите на Вардар и Динамо, последните настани носат позитивни вести. Кога Хрватите пред пет години го пречекаа ПАОК во Загреб, беа казнети за 20.000 евра поради фрлање бакљи и вадење на македонско знаме.

Поради лошите односи меѓу Македонија и Грција, во Нион тоа веднаш беше протолкувано како провокација, а кога Комитите го слушнаа причините за казната, ја осудија одлуката на УЕФА им се понудија на Хрватите да им ја платат.

Регионалните медиумите од денешната ждрепка за ЛШ, дуелот меѓу Вардар и Динамо Загреб го најавија како дерби на кое традицијата е на страната на хрватскиот клуб. Во досегашните меѓусебни 67 дуели од кои три во Купот на Југославија, а другите во првенството, Динамо има 36 победи, Вардар 13, а 18 средби завршиле нерешено.

Хрватите се потсетуваат на нивниот капитен Гоце Седлоски кој за нив играше седум сезони на кои настапи 191 и постигна 35 голови. Со своите лидерски и играчки способности, Седлоски стана капитен на Динамо Загреб и освои три титули во хрватскиот шампионат, три Купа и два Супер Купови.

Поранешниот фудбалер на Динамо овој пат на Максимир се враќа како тренер на Вардарци со кои ја одбрани шампионската титула. Најголемата победа на Вардар против Динамо е 4:0 и се случи во сезоната 1987/1988, а една сезона претходно кога Вардар стана шампион на Југославија, лидерската позиција во зимскиот дел од шампионатот ја запечати со победа над Динамо од 2:0

20 јуни 2016 - 16:50