Боички наместо лексилиум

Зошто милиони возрасни ја купуваат оваа боенка?

Списокот на топ 100 книги на Амазон се менува од час во час, но две книги долго се држат на него. И двете се - боенки за возрасни.

Под ова „за возрасни" не се мисли на боенки со безобразни мотиви, туку на такви составени од посложени црно-бели цртежи, за чие бојадисување е потребна малку попрецизна рака од детска.

Шкотската дизајнерка Џоана Басфорд, авторката на книгата, имала проблем кога пред четири години прв пат ја пласирала идејата кај издавач. Боенка за возрасни? Никој не мислел дека тоа ќе се фати. Денес „Тајна градина", првата нејзина боенка, е продадена во 1,4 милиони копии. Втората, под наслов „Магичната шума" е на шестото место на листата на Амазон. Таа сега работи на трето продолжение, коешто сигурно ќе ја постигне, а можеби и ќе ја надмине популарноста на претходните.

Што е она што прави возрасни луѓе да земаат боички во рака и да пополнуваат вињетки од цвеќенца? Едно од објаснувањата е дека боењето само по себе е „неверојатно терапевтски чин". „Толку е релаксирачко да си седнеш со дрвените боички и да си боиш онака како што ти сака срцето", напишал некој во коментарите под книгата. „Може да се користи како средство за медитација и концентрација", напишал друг.

Можеби е и до некаква носталгија, или до враќањето во детството, во животот без актуелните стресови? Според Басфорд, се работи за тоа дека луѓето имаат потреба да бидат креативни, но соочени со празно платно или со бела хартија тие се фрустрираат. Вака, кога веќе постои некаква шема, тие можат да си дадат оддишка, без да мислат околу генералниот концепт и смисла на она што го создаваат.

„Слушнав од толку многу луѓе - адвокати, бизнисмени, вработени мајки, дека боењето им помага да се опуштат. Тука се и луѓето кои се опоравуваат од болест или се соочуваат со тешки моменти во животот, и тие сметаат дека оваа активност е успокојувачка, речиси медитативна", вели таа.

Има и уште една важна причина - истите тие луѓе се заморени од интернет. Популарноста на книгата само ја потврдува потребата да се исклучиме, макар и за момент, од морето дигитални дразби, и да не правиме (речиси) ништо, освен да си црткаме со боички.

28 март 2015 - 10:10