Промоција

Тихомир Јанчовски: ЛИДИЈА, или сè што знам за жените

„ Ова е една голема исповед. Имам 50 години и веќе немам време да чекам. Пишувам, како што ми доаѓа, и тоа ќе остане. Колку долго, не знам. Времето ќе покаже. Како што гледате, книгата не е голема. Напишана е за само 5 дена. Така ми надојде, како матица, како река. Седев и запишував на терасата. Комјутерот, цигарите, јас... на масата по некоја чаша или филџан, очила за сонце и две чуваркуќи во мали саксии. При пишувањето повремено гласно се смеев, а понекогаш ми надоаѓаа и солзи... и плачев. Многу чудно, верувајте, и за мене, не па за вас. Книгата е неголема, и тоа значи дека... не значи ништо. Што е тоа голема, а што е мала? Тоа што нема повеќе страници значи дека толку ми надошло и сум немал повеќе што да запишам. Исто значи и дека... со оглед на насловот, не знам премногу за жените. Внатре е пишувано од аспект на тоа како еден маж ги гледа жените, а женскиот аспект на гледање е само начнат, преку Лидија. И таа е жив човек, со име и презиме, конкретна жена е и се знаеме.“

„Чувството на просторот е поврзано со психата. А психа, самиот збор, всушност значи душа. На старогрчки. Психологијата е наука за душата. Кога сме радосни, просторот го доживуваме како широк и убав, кога нешто ни е лошо, или сме нервозни и јадосани, просторот ни делува тесен и темен. Има луѓе со посилна, и такви со послаба интуиција. А, таа, не често, туку секогаш, е поумна од разумот... таа е пријателка, не мисли многу, и сѐ право кажува... и знае да соработува со стомакот. Разумот, кој е во главата, тој е збунка и знае да лаже. Може да поставува стапици, да нѐ лови во примките на нашето самољубие, нашата суета, нашата потреба за нас да мислат дека сме добри, умни, убави, дека знаеме што правиме... да си ги оправдуваме глупостите и лошотијата и секогаш некој друг да ни е крив. Разумот може и да е голем пријател, и голем будала. О, што мака видов јас со него дур не го отерав бестрага. Има да ми служиш, ѓубре едно, не јас тебе, не си само ти на светов, има и други во телово и душава, и има да слушаш, и да почитуваш, инаку ќе полудам, ќе се заљубам и таков ќе останам, и ќе видиш ти, мајмун еден непослушен... има да те нема... и животот ќе ми мине во веселба. И, умен е тој,  ај, ти, еве го, сега слуша. И поарно му е од порано... Работи – турбо. Не сум му смислил име, дека нема очи. Да имаше, ќе го викав Рале.“

„Види, има нешто во тоа, кога човек првпат ќе види некоја жена. Уште повеќе има во тоа каква ќе ја види. Таа некоја, не секоја. Жената што за него е посебна.. Ако го прониже тоа лудилото, еротската љубов кон жена, таквата сила што привлекува, како во митот за Ерос и стрелките што ги пушта во срцата на луѓето... (и таа приказна е стара и излитена, а пак и во неа има вистина). Тогаш мажот е способен жената да ја види не каква што е, туку каква што може да биде. Тоа не е интуиција што треба да се отфрли. Така се објаснува секоја заљубеност. Гледаш некој човек, се изгубил сосема, се зацапал во некоја... очите му се везден ширум отворени, погледот му е отсутен, сите луѓе му се добри, убави, оди по улица и туку одеднаш ќе се насмее... па ќе замижи и ќе си изгледа некој краток филм со саканата во мислите... па менува расположенија како нетокму... па се насмевнува, па збори сам со себе (не мора на глас, ама збори), после му иде и да заплаче, па нешто е добар, гали мачка, дели пари по просјаци... па слуша некои лигави песни што ги чул илјада пати и се чуди како порано не ги разбрал зборовите, а сега да... Заљубен е. Тоа е дијагноза...“

„Телата во кои живееме ни се како куќи што ни се дадени под наем, со нив да се служиме, оти душата мора негде да престојува, да си има дом... еве, мојава, по пет дена шетање денес си доаѓа дома. Се враќа. Што викаш, да ја викам Леси?“

19 септември 2018 - 07:55