Трендоленд ви претставува:

Karas4training.com

Од сите сајтови што некогаш сме помислиле дека клиент може да ни ги порача, Karas4training веројатно е последниот проект што би ни паднал на памет. Како и да е, го направивме и со мерак во го претставуваме.

На првата средба со луѓето зад Karas4training не знаевме на што повеќе да се чудиме, дали на тоа колку се ентузијастички расположени околу целиот проект или на што сè бараат да им се направи.

Во основа луѓето сакаа сајт за алтернативни спортови, тренинг и исхрана, кој ќе стане централно место на интернет за сите што на кој било начин се поврзани со спорт (професионални и аматерски спортисти, логистика, ветерани... ), на кое што секој ќе може да отвори свој профил, да остави свое резиме и да контактира со други.

Ние тоа вака го сфативме:

1. Сакаме портал

2. Сакаме социјална мрежа

3. Сакаме мини блогерска платформа.

4. Сакаме календар

1 - Портал

Ова беше прилично јасно за нас. 4 главни категории, секоја со посебен изглед, плус насловна што треба да ги собере сите елементи од страната.

Порталот има 4 елементи:

- Вести - идејата на вестите е да им се посвети повеќе внимание на алтернативните спортови кои во основа се игнорирани од спортските портали.

- Тренинг - место на кое ќе се објавуваат тренинзи за најразлични спортови (не само за фитнес или аеробик), комбинирани со тренинг програми. Идејата е секој тренинг да биде проследен со фото или видео примери.

- Исхрана - овој дел покрива се што е на тема: храна, пијалаци и суплементи. Плус, имаат и дел со предлог рецепти. Сајтот има и калкулатор за храна (со прилично голема база) кој ќе ви каже колку протеини, масти, калории, влакна и јагленхидрати има некој вид на храна.

- Пиколино - тука е се наменето за дечурлана. Од совети за правилно развивање и кои спортови се препорачуваат за деца, до исхрана и игри за најмалите.

2 + 3 - Социјална мрежа + блог платформа

Ова беше централната идеја од која всушност е започната целата страна. Место на интернет наменето за сите што некако се поврзани со спортот, ама за сите. Некаде каде што сите тие ќе можат да се собираат, да разменуваат мислења, искуства, контакти.

Членството се дели на: луѓе и места.

Луѓе
- овој сегмент ги опфаќа сите што се занимаваат со спорт или некогаш се занимавале. Ова значи - про и аматер спортисти, ветерани, логистика (доктори, тренери, новинари, инструктори). Сите членови го избираат својот конкретен спорт + "факултативните," го објават своето резиме, своите искуства, трофеи и успеси. Плус на располагање ги имаат регуларните социјални опции за комуникација - пишување на тајмлајн и приватни пораки.

Места - освен луѓето во предвид беа земени и најразличните бизниси поврзани со спортот: професионални и аматерски клубови, сервиси за спортска опрема, хотелски ресорти, места за рекреација и останати локации и бизниси што имаат некаква врска со спортот.

Секој од членовите може активно да учествува во создавањето на содржината на Karas4training.com. Членовите имаат опција за пишување текстови на теми за кои сметаат дека се стручни, кои потоа ги разгледуваат уредниците на сајтот и ги објавуваат на насловната страна.


4. Настани

Календарот сосема ја надополнува целата идеја за сајтот. Целта беше кога веќе постои заедница заинтересирана околу оваа идеја и луѓе кои се решени да ги следат спортовите, тогаш треба да им се даде и место на кое ќе ги објавуваат настаните што им се важни. Настаните можат да се делат по спортови, локации и време.

На сето ова планот им е сајтот да стане глобална мрежа за спортисти. Англиската верзија на страната треба наскоро да се пушти, а во скоро време ќе се почне со работа и на верзија на бугарски јазик.

Дизајнот на Karas4training е соработка меѓу Трендоленд и Блу Танг, сајтот е на Друпал 7 а во позадина го работат Ngnix и Apache. Целиот проект се хостира на Неотел.

 Ајде клик - http://karas4training.com

18 декември 2012 - 13:06