Вакцинирани писма на читатели

Вакцина против Маларија се уште не постои (исто како што не постои и вакцина против идиотизам, а постои терапија и се вика учење и читање).

Здраво Трендо,

Ви имам пишано во неколку наврати околу африканскиве збиднувања, еве сега повторно реагирам за гафовиве на нашиве „новинари".

Објавија дека секој што ќе патувал во Африка требало да се вакцинира од таму наброени неколку работи a меѓу другото и маларија. Сега да разјасниме некои работи, вакцина против Маларија се уште не постои (исто како што не постои и вакцина против идиотизам, а постои терапија и се вика учење и читање) . Постојат апчиња кои се пијат како превентивна терапија и тие се со ефикасност од 98-99%. Апчињата треба да се препишуваат во зависност од тоа во кој дел на светот се патува, односно во зависност од тоа кој тип на маларија треба да се спречи. Апчињата што ги препишуваат овде кај нас, барем до лани беа од некоја постара генерација.

Јас лично би препорачал секој што патува некаде, особено во тропските предели, да се информира добро околу тоа со каков тип на болести и паразити може да дојде во допир, и се разбира околу вакцинирање и терапии како превентива за истиве. Еден од најкорисните линкови што мене ми има помогнато многу, не само околу овакви прашања туку и ред многу други информации околу дотичните дестинации е секако https://www.cia.gov/library/publications/the-world-factbook/

Исто така постојат еден куп информации на интернет достапни за сите и секогаш е корисно човек да си прочита за страничните појави што може да се случат при вакцинирањето или земањето на ваквите терапии. Кај нас во Македонија докторите не често се сретнуваат со тропски болести и од таа проста причина немаат големо искуство во лекување на истите. Би препорачал ако веќе некој се заразил со нешто вакво, да си побара лекарскo мислење/третман во тие земји, од причина што докторите таму имаат многу поголемо искуство во лекувањето на овие болести, особено во случајот со Маларијата ( http://wikitravel.org/en/Malaria ).

Се надевам дека во Македонија ќе се подобри нивото на известување на новинарите, дека ќе почнат прво да се информираат самите себе, пред да ја информираат јавноста (чест на исклучоци се разбира, но ова пречесто се случува во последно време).

Поздрав до вашиот портал, па се читаме во некоја наредна прилика...

Даниел А.

25 јули 2013 - 15:23