ЗА УПЛАВОТ ОД БРЕМЕНОСТ
Веќе не ни забележувам на кои сè начини општеството со своите долги и речиси семоќни прсти се обидува (и во голема мера успева) да го моделира човекот, неговите идеали, сфаќања, желби, потреби, физички изглед и претставата за тоа како треба и не треба да се живее животот. Заморно е дури и да се мисли на општествениот калап низ кој сите сме поминале, и кој полесно, кој потешко – сите сме се предале, барем колку што ни' се чинело неопходно. Повремено помислувам дека некои од овие конвенции дури и го прават животот поедноставен и полесен, но проблемот настанува кога општеството почнува да се меша во нашата приватност, и тоа на сосема безобѕирен и нетактичен начин.
На пример, никогаш не сум очекувала средината да одлучува за прашањето дали и кога да се има деца и минимум колку деца е нормално да се има.
И покрај ваквите притисоци кои обично ми создаваат одбивност, сепак одлучив да имам дете и сега сум во напредна фаза од мојата бременост. И сигурно веќе погодувате – мојата бременост и тоа како е прашање од јавен карактер. Нема да зборувам за сосема оправданиот страв од губење на работното место, ниту за трошоците за здравствени прегледи кои далеку ја надминуваат секоја разумна граница. Сакам да проговорам за одредени импликации кои на бремената жена ѝ се наметнати преку секојдневните средби со луѓето, и кои го прават периодот на бременост еден од понапорните периоди во животот. Овие импликации многу кажуваат за менталниот код кој е доминантен во ова општество, како и за општиот недостиг на чувство за приватност.
Во оваа средина кај што живеам, да се биде во улога на "трудница" подразбира:
- да се занемарат, па дури и да се отфрлат и заборават сите други улоги кои личноста претходно ги исполнувала
- доколку брачниот статус не ѝ е решен, идната мајка ќе биде принудена стоички да ги издржи суптилните или помалку суптилните изблици на сочувство, чудење, обвинување, негодување, а некогаш од неа дури и ќе се бара оправдување за „вонбрачната бременост".
- Идната мајка треба да се помири со фактот дека сите луѓе со кои случајно или намерно е во контакт, знаат дали и' е ладно во моментот, дали треба да седне, дали и' е згодно за седење тука кај што седи или можеби треба да се премести, дали и' се јаде/пие (за ова - поопширно во наредните точки), дали и колку смее да биде физички активна. Сите освен таа самата многу добро ги знаат овие работи.
- Од моментот кога жената дознава дека е бремена па сè до раѓањето, бремената жена не смее да престане да јаде во јавност. Задолжително мора да земе од секое јадење со кое ја понудуваат, бидејќи иако неа не ѝ се јаде - на нероденото бебе секако му се јаде. Штом во близина на идната мајка се спомне или само се помисли на некоја конкретна храна, мора да се заангажираат блиските, пријателите, комшиите или кој ќе се најде на патот да ѝ ја обезбеди таа храна, без разлика дали се работи за мајонез, чоколадо, кокосов орев или папаја во сируп од тропски зелки. (Нагласувам, ако одбие да земе храна која ѝ ја понудиле, ќе следува расправија, убедување и инсистирање додека трудницата не попушти.)
- Повеќето луѓе уште од првиот ден на бременоста знаат, т.е. сеќаваат какво дете ќе има, машко или женско. Доколку самата не знае, нешто не е во ред со неа, на пример веројатно нема мајчински инстинкт – основен предуслов за да се биде добра мајка.
- Доколку идната мајка се здебели во бременоста, луѓето ќе ѝ кажат дека е премногу или премалку здебелена и тоа значи дека нешто не е во ред. Доколку пак не се здебели, во тој случај луѓето ќе ѝ кажат дека штом не е здебелена, логично - нешто не е во ред. Без разлика дали ги покачила, намалила или останале исти, килограмите ќе бидат предмет на расправа во текот на целата нејзина бременост. И се разбира, телото на трудницата ќе биде предмет на детално испитување и набљудување пред да се почне со дискусијата за килограмите.
- Многу луѓе без прашање ќе и' го допираат, мерат и коментираат стомакот. На секоја наредна средба ќе и' дадат на знаење дека стомакот многу и' пораснал во споредба со минатиот пат кога ја сретнале.
- Другите жени, а особено оние кои веќе станале мајки, секогаш ќе почнуваат разговор за бременост и бебиња (без разлика дали идната мајка сака или не сака да разговара на таа тема), ќе ѝ повторуваат дека не е свесна колку тежок период ја чека, дека треба да се наспие додека е бремена бидејќи потоа нема спиење. Исто така, ќе и кажат дека чинот на раѓање не е ништо во споредба со она што следува потоа. (Претходно убаво и детално ѝ го образложиле чинот на раѓање како најболното, најкрвавото и најстрашното искуство кое жената може да го преживее, ако го преживее.) Најпосле, ѝ кажуваат дека секаква болка и секаков напор се заборава и се издржува за бебето, само за бебето се живее и дека откако ќе го роди, ништо освен тоа бебе нема да ја интересира. Сево ова трудницата е должна да го сфати најпозитивно, со радост и со блажена насмевка, бидејќи во спротивно нешто не е во ред со неа, т.е. веројатно нема мајчински инстинкт.
- Нема да коментирам каква вербална тортура ја чека идната мајка доколку има намера да НЕ го крсти бебето во црква, односно доколку ја сподели таа информација со околината.
Ова не е сè, но е доволно за да се сфати до кој степен општеството ја дефинирало положбата и улогата на трудницата. И ете зошто на многу жени им се крева косата од главата секогаш кога ќе го слушнат самиот збор „трудница". Веќе навистина почнав да верувам дека чинот на раѓање не е ништо во споредба со тоа што следува, но не поради неспиењето и менувањето валкани пелени, туку поради фактот што треба да го гледам моето дете како расте и живее во ваква средина, како ги трпи истите притисоци и „правоверни" пропаганди кои јас сум ги трпела, како влегува во истите калапи во кои и самата сум морала да влезам, и цело време да се надевам дека ќе го издржи сево ова давајќи доволно отпор за да стане човек со достоинство и слободен ум.
Л.