Здраво Трендо, се надевам дека си добро.
Не сакам да ти одземам многу време и ќе пробам да бидам краток.
Се работи за ticketxmk онлајн платформа која продава карти за Авалон и слични организации, а воедно и обезбедува картички за консумација на истите настани. Принципот е едноставен, при влез на концерт добиваш картичка со број, ја скенираш, одиш на линкот каде на истата картичка префрлаш пари и правец на шанк по пијачки. Таму по принципот на дебитна/кредитна со терминал, нарачуваш, ја доближуваш картичката до апаратче, титка, а ти си одиш задоволен со пивцето во рака.
Салдото можеш да си го видиш на линкот од тикехмк внесувајќи го бројот на твојата картичка.
Првиот пат ја пробав на Грејс Џонс во Скопје и сè беше супер, без проблем.
Во неделата на 04.08 одиме на Лени Кравиц во Охрид и стандард, само што го поминавме обезбедувањето една фина девојка ни даде карти за консумација.
Морам да напоменам дека имаше проблем со серверот и некои 20 до 30 минути немаше пристап до платформата за да се стават пари на картикчката. Нејсе, дојде интернетот, серверот се врати во живот и сите радосни почнавме да си префрлуваме пари на картичките како би уживале слушајќи легенда како Лени. Дечкото иако има 60 години, изгази и секоја му чест него и на бендот.
И сега доаѓа лошиот момент.
Во 21:52 се врши успешна трансакција од 2.000 мкд од мојата сметка кон тикетхмк, но салдото на мојата тикетхмк картичка останува 0. Секако рефреширав неколку пати и отидов на шанк исто толку пати за време на концертот. Секое одење следеше истиот одговор од дечките "друже немаш пари на картичкава, извини". И така помина Лени, сите среќни си отидовме дома ама ме копкаше каде ми отидоа парите.
Викам ајде ќе видам од утре, понеделнички.
Парите беа во резервирани средства, најверојатно поради тоа што во недела навечер и нема можност за друга опција, меѓутоа после тоа завршија на нивна сметка.
Им пишав на дечките веќе неколку мејлови со доказ од плаќањето, број на налог, сметка, салдо на тикетхмк картичката, меѓутоа еве 5ти ден сè уште немам одговор од нив. Капак на сè телефонот за контакт на нивниот сајт е цело време недостапен.
Во прилог ти испраќам и докази како скриншот за да не биде ова само штур муабет.
Ќе ми значи многу доколку ова допре до нив и ми се јават за да ми ги вратат парите бидејќи јас не добив никаква услуга за возврат.
А јас секако ќе продолжам да ги барам за да си го земам "своето, бато" што би рекол славниот (лесна му земја) Бате Ване.
За крај извини што не бев краток но ти благодарам на вниманието.
Голем поздрав,
Михаило Андриќ