Да речеме дека сте стапиле во брак. Да речеме дека имате дете, но од икс причини бракот пропаѓа. Нормално, се разведувате. Звучи едноставно? Не баш. Зошто? Поради детето.
И покрај тоа што во Македонија статистички секој трет брак завршува со развод, зашто разводот за разлика од порано не е срамен чин, туку напротив многу модерна работа, Законот за семејство (со одредби кои го регулираат овој дел стари 50-на години) е сè освен модерен.
Значи, ако се разведувате, а сакате нормален контакт со сопственото дете како и додека сте биле во брак, размислете два пати. Постои можност детето на да биде доделено на чување и воспитување на другиот родител, што значи вие нема да го чувате и воспитувате сопственото дете, туку тоа ќе го прави другиот родител. Вие ќе бидете посетител на своето дете и присилно ќе бидете маргинализирани или целосно исклучени од животот на детето сè до неговото полнолетство, освен ако другиот родител не е разумен или „не се смилува’.
Шансите за вакво нешто се многу поголеми ако сте татко бидејќи во дури 95% од случаите, детето се доделува на чување и воспитување на мајката. Но, пазете и ако сте мајка, а таткото ги знае ‘правите луѓе’.
Еве зошто:
1. При развод децата се доделуваат "како трофеј" на чување и воспитување на само еден од родителите. Со тоа, се нарушуваат еднаквите родителски права и родителите се делат на "примарен" и "секундарен" родител.
Секундарниот родител, доколку родителите не се договорат поинаку, добива крајно ограничено време со своите деца од најмногу 5-6 дена месечно. Ваквите видувања ги определуваат Центрите за социјална работа со своите решенија кои НЕ СЕ ПРАВНО ИЗДРЖАНИ, зашто видувањата не се пропишани ниту во законот, ниту со подзаконски акт.
2. Не постои ефикасен механизам да ве заштити доколку примарниот родител го попречува видувањето со секундарниот родител и со тоа врши родителско оттуѓување.
3. Постапката за помирување на родителите кои влегуваат во развод е про форма. Не постои обврска за родителите да посетуваат било какво советувалиште каде би можело да дојде до помирување или барем договор како да се постапува со децата.
4. Второстепен орган кој одлучува по жалбите на родителите е Министерството за труд и социјална политика – орган кој НЕ СПРОВЕДУВА стручно-методолошка работа со родителите и децата за да ја утврди оправданоста на жалбите. Во превод, наместо да се разгледа, предметот се врти во круг. Најверојатно ќе добиете одговор дека Центарот за социјална работа постапил исправно бидејќи ја следел процедурата, иако вие воопшто не сте се жалеле на процедурата.
5. Алиментацијата се определува според примањата на секундарниот родител. Потребите на децата и примањата на примарниот родител не се параметар за определување на алиментацијата.
6. Примарниот родител управува со имотот на детето. Ако штедите на име на детето а станете секундарен родител, примарниот родител може да ја подигне таа заштеда и не е должен да даде било каков доказ дека ќе ја потроши за детето.
7. Кога примарниот родител лажно ќе го пријави секундарниот за семејно насилство, педофилија итн, почнува процес кој веројатно ќе заврши со отуѓување на детето од секунарниот родител. Тоа е почеток на долготрајна постапка за чие времетраење пријавениот родител има крајно редуцирани контакти со своето дете (неколку часа месечно, најчесто во просториите на Центрите за социјална работа). И во случаи кога се докажува дека пријавите се лажни, нема никакви санкции за пријавувачот. Тогаш настапуваат последиците од долготрајно редуцираниот контакт.
Обратно, кога секундарниот родител ќе пријави насилство од примарниот, се оди на тоа да се релативизира пријавата и повторно почнува долготрајна постапка. Но за тоа време, децата се кај родителот кој е пријавен.
8. При преселба на примарниот родител во странство, истиот може да го отсели и своето дете, дури и ако секундарниот родител се спротивставува на ваквото трајно оттуѓување од детето. При ваков спор помеѓу родителите, одлучуваат Центрите за социјална работа кои најчесто постапуваат според барањата на примарниот родител и дозволуваат отселување на деца.
За среќа кај нас постои неформална група на граѓани (види овде) кои со години се обидуваат да фрлат светло на проблемот. Таа група во соработка со стручни лица од областа на семејната проблематика, има подготвено и предлог закон за промена на Законот за семејство и предлог подзаконски акти – Правилник за изработка на родителски планови и Правилник за пресметување на алиментација, документи кои со децениии недостасуваат во работата на Центрите за социјална работа и судовите. Се' што останува е Собранието да го разгледа и усвои.
Но, додека тоа се случи, нѝ се случува ова.
И ова:
со почит,
екс сопруг никогаш екс татко