Писма на читатели со џебови

Па чекај сега, бензинов е скап, луѓево веќе не возат коли, како сега ќе се полни буџетот од транспорт? А, да, ќе ги казнуваме велосипедистиве. Казна од 25 евра за сите што не возат по велосипедска патека! Чекај бе малце, КОЈА ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА? Оние на кои секогаш има пешаци и паркирани коли?

Беше тоа пред некои 10-тина години по скопскиве диска... Млади момчиња, со надуени стомачиња, бубуљисани суратчиња, гелосани косичиња и нервозен поглед ко во некој евтин холивудски филм, хараа по градов и собираа арач. Да де, ти доаѓа некое малоумно детенце и ти вели „вади се што имаш од џебовите"... Не знам за другите уплашени деца, ама мене и сега ми заигрува тупаницата кога ќе ми текне на тоа. Па на кого бе ти вади парите!

Е денес мили мои, има едни други арачлии. Овие се пософистицирани. Носат оделца од средната класа, имаат фини фризурки, имаат веќе завршено и факултет... Не, овие нема да ти речат „вади парите", ама на овие нема ни да можеш да им вратиш и да ја загрееш тупаницата. Нема ни да стигнеш да го направиш тоа, а пак, мачно заработените парички ќе ти ги земат... Сакал, нејќел, ќе си дадеш пари иначе го јадеше стапот. Биг тајм!

Како собираат арач? Прво, куќен совет. Замисли, морало куќниот совет да се регистрира, да се отвори фирма... Па да, ние не знаевме како со комшијата што не гледа на криво или децата што редовно кршеа низ влезовите, па „Месиите арачлии" доаѓаат на помош. Сега они ќе ни ги средат односите и ќе живееме во хармонија. Само што патем ќе плаќаме едно 10 пати повеќе за чистачка, 500 денари за промена на сијалица (од 20 денари) и сето тоа насамарено со даноци што треба да се платат на државата. Не бе, не сакаат они да не средат нас, да ни биде поубаво, сакаат да лапнат парички, да ја наполнат јамата во буџетчето. Бидејќи, одличната економска политика и не е толку одлична и бидејќи во меѓувреме поскапе бронзата за спомениците, па таму некој споменик чека да му се стави главата...

Но, колку навистина може да се земе од променета сијалица? Малце е тоа, ќе се сложите. Се сложуваат и арачлиите и „Еурека", нова идеја излага на површина. Па чекај сега, бензинов е скап, луѓево веќе не возат коли, како сега ќе се полни буџетот од транспорт? А, да, ќе ги казнуваме велосипедистиве. Казна од 25 евра за сите што не возат по велосипедска патека! Чекај бе малце, КОЈА ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА? Оние на кои секогаш има пешаци и паркирани коли? Оние кои имаат толку дупки, што треба да се плашам дека нема да можам да си го посеам семето??? И 25 евра? Па толку не ми е ни годишно одржување на Швинот бе токмаци едни!!!

И ај да не спомнувам тука за долниот веш на тераса и казните за фирмите што немаат заработено ни денар откога се отворени... Мајке им, ќе те цедат од кај ќе стигнат! И ти што ќе праиш, ќе си ги сушиш гаќите со фен, или уште подобро, летово ќе поминеш и без нив... А за фирма отварање, или било каков бизнис, ни на крај памет!!!

Па на кого бе вие казна за возење точак, казна за боксерки на тераса и петсто плус данок за сијалица у влез? Абе така не се праат пари. Наместо да активирате младинава да ја мрдне земјава од место и после тоа да го црпите производот, вие само одите и празните џебови... Колку сакате шминкајте се, ама не сте ништо поарни од оние малоумните момчиња...

Иво

12 април 2012 - 09:15