Читателски писма за медиумските несреќи ем трагедии

Би сакал да ја намалам „видливоста“ во информативниот простор на сите оние, новинари, уредници, луѓе кои во своите изјави не можат да ја одмерат разликата во употребата на зборовите: незгода, несреќа и трагедија. Да се најде некој што може да помогне, во никој случај незгода да не се употребува таму каде што треба несреќа или трагедија!

Здраво Трендо,

Се обидувам да најдам луѓе, кои би можеле да ми помогнат во еден локален проект. Еве за што станува збор. Би сакал, имено, да ја намалам „видливоста“ во информативниот простор на сите оние, новинари, уредници, луѓе кои во своите изјави не можат да ја одмерат разликата во употребата на зборовите: незгода, несреќа и трагедија, во следниве контексти:

1. Во сообраќајната незгода што утринава се случи пред ... автомобилот управуван од ... поради неисправни сопирачки скршнал на страна и предизвикал материјална штета на паркираните автобуси (искршени трепкачи).

2. Во сообраќајната несреќа загинало лицето НН, кое можеби поради неисчистенот тротоар а можеби поради својата поодмината возраст (92 години) се лизнало, паднало на коловозот и во тој момент на него налетал камионот... Ниту еден од учесниците не бил во алкохолизирана состојба...

3. Во сообраќајната трагедија што се случи вчера вечер, на пешачкиот премин кај Сити Мол...  девојка на возраст од 24 години...

Дали можат да се најдат програмери (за почеток) кои ќе ми помогнат ваквите информации да не излегуваат на агрегаторите (тиме.мк, дејли.мк ...) а потоа, не знам кој... Некој што може да помогне, во никој случај незгода да не се употребува таму каде што треба несреќа или трагедија!

Не знам тебе, но мене ми се гледа многу важно.

Поздрав,
Драган Јакимовски

22 јануари 2022 - 14:14