Читателски писма без хепиенд

Би сакал да им порачам на „аристократите“ од Клинички центар од Скопје при секое доаѓање во Охрид да поминуваат пред „Костозглобна“ , да застануваат и да се поклонуваат пред да продолжат понатаму. Тука, на местото каде што има доктори кои не размислуваат примарно за бркање „позитивни статистики“ по секоја цена  туку во далеку поскромни услови со цело срце се борат за спасување човечки животи.

Поминаа 40 дена откако нè напушти брат ми, Царство му Небесно. Си бев ветил дека додека не поминат деновите на тихување и молитви, нема јавно да пишувам ништо поврзано со нашата борба за живот која траеше три и пол месеци.

А сега, најпрво би сакал јавно да им се заблагодарам на директорот, докторите и на останатиот медицинскиот персонал од болницата за трауматологија и ортопедија „Св. Еразмо“ од Охрид, позната кај народот како „Костозглобна“, затоа што ни‘ ги отворија вратите и срцата во моментот кога „големиот“ Клинички центар „Мајка Тереза“ од Скопје реши по секоја цена да го испише брат ми после месец и пол лечење, недолечен, и во тешка здравствена состојба.

Исто така, гореспоменатите покажаа голема храброст и одговорност прифаќајќи го предизвикот, и веднаш по хоспитализацијата на брат ми го направија она, од што манекените во бело на Клинички центар во Скопје бегаа како ѓавол од крст (секоја чест на исклучоците) – тоа беше двоен оперативен зафат кој траеше 5 часа, со најдобар можен исход во тој момент.

Потоа, цели два месеци пожртвувано се бореа до последниот ден за животот на брат ми, согласно условите кои им се на располагање, а кои се многу поскромни од оние на „големиот“ Клинички центар во Скопје.

Сакам да им се заблагодарам и на сите пријатели и роднини кои беа со нас тие три и пол месеци, и ни помагаа, секој на свој начин.

Што се однесува до голготата што ја поминавме на клиничкиот центар, ќе се обидам да бидам краток:

После првите три недели лекување, кога докторите на инфективната клиника постигнаа успех во стабилизирањето на состојбата на брат ми, а со тоа ни влеаја надеж на сите дека тој (брат ми) е во вистински раце, почнаа полека да ја вртат страницата. Имено, доаѓаше на ред нова, посложена и критична фаза во лечењето, каде што требаше да се прифати ризик. „Инфективците“, од една страна ни проповедаа мултидисциплинарен приод во лечењето на брат ми, кој беше инфективен пациент, а од друга страна настојуваа да бидат изземени од истиот тој пристап како инфективна клиника?!?!

Најсоодветниот дотогаш предлог кој пристигна од клиниката за ортопедија (ТОАРИЛУЦ) до инфективната клиника за понатамошниот тек на лечењето, не се спроведе. Инфективната клиника реши да го испише брат ми по секоја цена, без претходен договор со друга медицинска установа за негово понатамошно лечење.

Во меѓувреме, правев напори да добијам одговор на две основни логички прашања, и тоа:

1. Зошто инфективната клиника упорно сака да се изземе од понатамошното учество во лечењето на пациент, чиј основен проблем е инфекција?

2. Зошто воопшто брат ми, како тежок пациент, би бил испишан од Клиничкиот центар кој е јавна здравствена установа од терциерен ранг, и би бил препуштен на установи од секундарен (понизок) ранг со многу поскромни услови за лечење?

Одговорите кои ги добивав немаа ништо заедничко со мултидисциплинарен приод на лечење, и почнуваа од банално-неиздржани, па се до брутално лажење во обид - од „Ние си ја завршивме работата, сега треба други да го преземат да го лечат“ (Каде е овде мултидисциплинарниот приод за кој се говореше на инфективната клиника?), па сè‘ до „Нема повеќе ништо, земете си го дома и нека почне со физикална терапија“.

И за крај, бидејќи крајот го краси делото, ја имав честа да бидам удостоен со каубојско стегање мускули и крајно уличарско поведение од страна на „кралот“ на инфективната клиника, неговото величество, ПРИМАРИУС др. Фадиљ Цана.

Посебно би сакал да им порачам на „аристократите“ од Клинички центар од Скопје при секое доаѓање во Охрид да поминуваат пред „Костозглобна“ , тука да застануваат и да се поклонуваат пред да продолжат понатаму. Тука, на местото каде што има доктори кои не размислуваат примарно за бркање „позитивни статистики“ по секоја цена и за одредена цел, туку во услови далеку поскромни од оние на клиничкиот центар во Скопје, со цело срце се борат за спасување човечки животи.

А вам, кои го читате ова писание, би сакал да ви порачам да го негувате човекот во вас, онаков каков што го создал Бог според Својот образ. Човечката душа нема цена, а ние сите сме гости на веков. Без исклучок!

Климе Новески

26 јули 2026 - 18:26