репортажа од читател

Битола до Украина

Журавочка е некој вид планинско летувалиште во кое што едно евро не е вложено отакако го направил другарот Хрушчов. Вратата од собата години не е лакирана и шири реа, шољата од клозететот прави вирче со вода одоколу, кадата е нечиста... Еден член на македонската екипа ме информира дека бетер е само во Бунец во Маврово.

ОД БИТОЛА ПРЕКУ БУДИМПЕШТА ДО ЖУРАВОЧКА И НАЗАД

Журавочка е пионерско летувалиште на триесетина километри од Киев, главниот град на Украина. Иконографски наликува на детското на Пелистер, со по некоја модификација: подот за влез во мензата е нареден со мозаикот со кој што се послани повеќето балкони во РМ, наместо терен за мини голф обраснат со треви има некоја чудна советска теретена на отворено, а кујната и огромната менза наместо на чај, креваат на копар, чудна билка која што по мое скромно сознание Украинците ја третираат како сорта на вегета и ја ставаат во секоја манџа. Со копарот, ако добро наслушнав е поврзан и некој мит за потенцијата на мажите. Какви се украинските девојки и жени ( проштевајте за мачо фрустрацијата ) мислам дека копарот е во целост излишен. Цел автобус кој што лани во август се закрена од Битола, ( мислам на машката популација, а инаку македонската екипа се докомплетира во СК) да оди на YMCA европскиот фестивал во Киев, со нетрпение очекува да стигне до зацртаната дестинација, каде што секој очекува дека ќе биде мал султан Сулејман и ќе насобере казанова мемоари за три животи. Во ова секако има мал дел од симпатичната македонска наивност.

Но ај да фатиме малку ред. За да дојдете до Киев со автобус од Македонија, во ѓутуре има околу две илјади километри пат, што велат прилепчани и фазла, или цели два дена патување. Прво, транспортното возило на реномираниот авто - превозник Џем – турс изврши успешен премин на македонско – српската граница на преминот Табановце и ентузијастички се упати кон наредната дестинација, малото градче Бачки Петровец во питомата војводинска рамнина. Тука, исто така со завидна ефективност беше извршено товарењето на локалниот бенд „ Луде краве", нивната опрема и симпатизерите. Успехот на премин на граница го повторивме во српската испостава на унгарско – српската граница.

Работава запна кај Унгарците. Се е во ред, можете да преминете, ама тапаните и останата опрема се мал проблем. Па ви треба посебен документ, па од каде да знаеме дека нема да правите со музичката опрема трговија на големо &мало, па ајде да дојди човекот кој што го пополнува документот кој што ви е потребен за да ја помините музичката опрема во Унгарија.... Спиење во автобусот, играње карти, муабети кои што делумно го убиваат мачното чекање. Тие што си се подомаќини си извадија книги за читање. Не ме држете за збор, мислам логично е човек да сака да ги заборави ваквите работи, ама едно пет саати му се изнадремивме на граница. На водачот на патот, Виктор единствено му останува да ја соопшти тажната вест дека Будимпешта ја јаде мечката, и наместо планираната пауза и два – три саати легачење покрај убавиот син Дунав, мора да се продолжи за Киев за да се пристигне на YMCA фестивалот на време. Со по некоја пауза по бензинските пумпи ( евро за мочање ти земат бе, демек со музика и после ај не биди евро - скептик) стигнуваме на унгарско – украинската граница. Знаете како е во квалитетен хорор филм од Б – продукција, кога главниот јунак мисли дека го отепал лошиот монструм? И со некоја плавуша манекенка која пред два дена наполнила осумнаесет години гушнати си заминуваат накај зајди сонцето? Ама опасноста допрва доаѓа, лошото чудовиште си се таји во мошуриштето, а нашиов јунак мора јово – наново да му ја крши кичмата. Кој имаше дупки во филмското образование, набрзина си го поправи овој пропуст. Мислам зависи што подразбирате под брзина. Ја јадовме истата попара од унгарско – српската граница, само помножено со два. Дури да се сврши работа, истуркавме десетина саати.

Не обдени на Карпатите. Ебате ко во песничка на Балашевиќ, и тоа од оние со тажен крај. - Луѓето треба малку да искулираат, мудро го советува водството нашиот дипломиран психолог Јовче. Шансата за одмор се појавува во една друмска кафеана, правена во рустикален стил, со натрупана дрвенарија, онака како што кај нас вообичаено ги прават планинарските домови. Пивото има лош вкус, јадењето е некој тенок просек, девојката која не послужува не зборува англиски. Но вецеата се чисти, околината е густа шума ко во сликовницата со Црвенкапа, а од околу има лиени скулптури на распеани козаци. Еден од нив видно расположен јава прасе! Или се алудира на некоја позната сатира или прасињата во Украина се толку големи, па може да ги јава и возрасен човек. Мислам, ако се важиш за житница на Европа и ако си трет извозник на жито на светскиот пазар веројатно во општествената распределба на добра, на прасињата им следува повеќе жито од вообичаеното и тие растат поголеми, кој може да знае?

Козаците, специфична заедница на територијата на Источна Европа ја даваат романтичната супстанца во историјата на украинската држава. Од друга страна Богдан Хмељницки ( 1595 – 1657), козачки атаман кој што го има на банконотата од пет гривни ( валута во Украина) и голем дел од Украинците го сметаат за татко на нацијата е прилично контроверзна фигура. За да ги избрка полските окупатори од Украина, морал да направи дил за воена помош со Русите, кој носел некоја сомнителна автономија во однос на Москва... Неговите трупи, помеѓу другото активно учествувале во погроми на Евреи. Споменикот на овој козачки атаман е во центарот на Киев. Интересно е дека руските власти од 2010 година Козак го воведуваат како поим кој означува етничка определба.

Студено утро на автопат, некаде во Источна Европа, два дена како сме заминати од дома... Ако оди се како што треба ( ред би било нели, до кога страдања браќа Македонци?) не чека цел ден возење до Киев.

Да ми речеше некој дека треба да останам во Журавочка подолго од три – четири дена, пешки тргнував за жална Македонија, без мајтап. Па ако сака нека ме фатат приврзаниците на Јулија Тимошенко и нека ме прогласат за шпиун на КГБ. Токму тие денови почнаа да протестираат во центарот на градот, огорчени поради судскиот процес против нивниот лидер. Журавочка како што напишав на почетков на текстот е некој вид на планинско летувалиште во кое што едно евро не е вложено отакако го направил другарот Хрушчов. Вратата од собата години не е лакирана и шири реа, шољата од клозететот прави вирче со вода одоколу, кадата е нечиста... Еден член на македонската екипа ме информира дека бетер е само во Бунец во Маврово. Важно објектот има покриен базен и тоа тип – топ функционален. Комплексот има и професионална театарска сала. Во неа четири дена членовите на YMCA од неколку европски земји правеа по некој концерт, ги покажуваа своите театарски перформанси и денсерски изведби. Како и секаде, некои се подобри, некои полоши, некои одлични. На македонската екипа, помеѓу другите должности и се падна да организира четири странички текст + слики со настаните од секој ден. Малку ми е шубе да го речам , билтен. Ама управата на младинскиот камп, на последниот состанок констатира дека таквиот производ жителите на Журавочка би го фрлале на земја. И тоа во најоптимистичка варијанта откако ќе го прочитаат. Тоа секако лошо би влијалело на општата хигиена на односната заедница. Затоа со 2/ 3 мнозинство се носи одлука наместо билтен да се подготвува, мислам уште не ми се верува еј ЅИДЕН ВЕСНИК! Ама луѓе, ова малку ретро ми е, мислам ние од Битола влечкаме лап –топ, печатач, тонери... Од колегите по перо, ми се чини дека од тие што се живи секако, ѕиден весник имаме правено јас и евентуално Панде Колемишевски. Ама ѕиден весник на англиски, е тоа веќе нешто.

Премин кон адвертајзинг - во наредните неколку дена заедно со Давор, Кејт, Емилија... од Журавочка news правиме највлијателен медиумски бренд во пречник од петнаесет километри. Да ни позавидат Марфи Браун, Кларк Кент и Бошко Трпески. И тоа заедно.

Заедно или посебно можете да го обиколувате градот кој што има околу два и пол милиони жители. Домаќините ни организираа крстосување со автобуси низ поинтересните делови на Киев со туристички водач на англиски. Супер! Ако сте заинтересирасирани за манастирски туризам, веднаш исправајте го патот за Киев. Нема љуфка. Пештери - манастири, чудотворни води, православни светилишта... Еден од клучните ликови за ширење на христијанствоте е украинска прицеза Олга, која што била една од првите благороднички која што го примила христијанството од средновековен Цариград. За волја на вистината својот престол морала да го брани не баш на најхристијански начин, но била средновековен владетел, тоа ти е. Православната црква денес ја слави како светица. Покрај Олга, споменик во центарот на градот имаат и светите браќа Кирил и Методиј. Манастирскиот комплекс на Свети Михаил, посветен на архангел Михаил, инаку заштитиникот на Киев, ( веќе знаете, се наоѓа во центарот на градот) за време на комунизмот доживеал трауматична судбина. По наредба на советските власти, во 30 – тите години од минатиот век се започнало со негово рушење. Професорот Микола Макаренко, кој одбил да го потпише актот за рушење, завршил во затвор, каде што и умрел. По прогласувањето на независност на Украина од Советскиот Сојуз во 1991 година, рушењето на Свети Михаил било прогласено за класичен криминал и се пристапило кон реконструкција на овој значаен споменик на културата. Денес манастирот е во сопственост на Украинската православна црква на киевскиот патријархат. Во суштина, во Украина делуваат три цркви со источен обред... и сега не да ве давам со ЗПО, ама тоа се: Украинската православна црква на московскиот патријархт ( под јурисдикција на Москва); Украинската православна црква на киевскиот патријархат ( нешто ко нашата МПЦ, канонски непризната од останатите православни цркви) и Украинската грко – католичка црква, унијатска црква под јурисдикција на Ватикан. Ако сте ентузијастични да ги разберете односите помеѓу овие цркви, градени врз основа на историските настани, политиката и украинското поимање на сопствениот идентитет, трк на Википедија.

Кој е за искуства од световен карактер, без дилема во Киев нема да му биде досадно. Ако ве однеси патот накај Украина, пробајте квас. Ниско буџетна, општо – народна и малку – алхохолна пијачка, која што наликува на газиран сок од јаболко. Искрено, јас да не одев Киев ќе мислев дека квасот го измисли Максим Горки за да може и работничката класа да се испијани. Се добива со ферментација на рж или јачмен, бршненце од рж и шеќер. Се продава речиси насекаде. Боршчот е супа од говедско или свинско месо, домат или цвекло. Украинците ја сметаат за свое национално јадење. Има црвена боја и не е лошо.

Згодна девојка на улица ми тупнува в рака мало флаерче. Очекувам повик да го сменам мобилниот оператор, реклама за дискотека или попуст во ресторан. Ама не е. Тоа е визит карта само со телефонски број и испишано call me. Инаку во градот врие од продавачи на цвеќе и ако добро разбрав, народен обичај е кога дечкото оди на прв date, да понесе цвеќе. Цвеќе на жена, општо земено се подарува често, а тоа му иди како остварување на вековниот идеал на сите оние госпожи кои за осми март гостуваат по нашите телевизии и апелираат до простиот народ цвеќе да не се подарува само на денот на жената.

Во четири наутро го составуваме последното издание на ѕидниот весник... Секогаш ни правеше проблеми, имено тимот на весников каснеше за вечера, па мораше да ги собира остатоците од по маси во полупразната менза. За неколку саати тргнуваме за дома.

Осум наутро, некаде пред Велес, цел автобус спие. Во полусон му се мислам, кошмарот на граници на одење, паузата во Будимпешта на враќање, се што ни се случи во овие десет дена... Мислам да не страдам од Дороти од Канзас синдром? Празните зелени шишиња од пивото Лавов кои потскокнуваат на македонското џаде, се доказ дека барем дел од сето ова навистина се случи. Вклучително и кратката дефиниција за Украина која што една девојка ми ја кажа: Very nice song, very nice girl(s), very nice people.

За веселите моменти од украинската експедиција тука.

Константин Петровски

20 април 2012 - 08:02