25-годишниот Џован Белчер од НФЛ екипата Канзас Сити Чифс минатата сабота ја застрела својата девојка, а потоа отишол на тренинг каде си го одзел животот со истрел во глава додека разговарал со тренерите.
Тешката трагедија ја потресе цела Америка, но ова не е прв ваков случај. Во последните неколку години уште тројца други поранешни рагбисти од НФЛ се самоубија со пиштол, а еден си го одзеде животот со пиење антифриз.
Неколку денови по трагедијата, Универзитетот во Бостон ги објави резултатите од своето истражување кое го вршеле на донирани мозоци на поранешни спортисти.
Од 85 испитани мозоци, кај дури 68 било забележано сериозно оштетување на мозокот. Од нив 34 биле професионални рагбисти од НФЛ, 9 играле рагби на колеџ, а 6 во средно училиште.
ОД 35 испитани мозоци на поранешни професионални рагбисти, само кај 1 не е најдено оштетување.
Ова оштетување на мозокот може да доведе до конфузија, депресија и шизофренија и се претпоставува дека е причина за самоубиствата кај спортистите.
Вакво специфично оштетување на мозокот е забележано и кај хокеари, борачи и боксери, но може да се открие само со испитување на мозокот по смртта на човекот.