
Сонот на Боцвана се оствари. Освои златен медал на штафетата 4x400 на Светското во атлетика, прв историски успех за нив во оваа дисциплина.
Историјата ја испишаа благодарение на импресивниот финиш на Бусанг Кебинатшипи, кој ја направи трката една од оние кои не смеат да се пропуштат.
Водството во последниот круг го имаа Американците, откако шампионот на 400 метри со пречки, Рај Бенџамин, ја презеде последната измена со предност од два метри.
И кога се чинеше дека целта е негова, трката стана супер интересна. Најпрво Јужноафриканецот Закити Нене напаѓаше од надворешната страна и од целата ситуација најјакиот крај успеа да го извлече Кебинатшипи, демонстрирајќи страшна сила на крајот.
Боцвана ја прослави големата историска победа со вкупно време од 2:57.76 минути.
🇧🇼Botswana becomes first African country in history (men or women) to win a 4x400m world championship title! 👏 #WorldAthleticsChamps pic.twitter.com/anoPIBw7mR
— Travis Miller (@travismillerx13) September 21, 2025
САД мораа да се задоволат со сребро, и тоа за само две илјадити делови од секундата пред Јужна Африка. И двата тима беа запишани со идентично време од 2:57.83 минути.
Африканците издржаа на дождот и успеаа да го скротат силниот напад на Американците, кои се доминантни со девет титули на последните десет светски првенства.
Боцвана прогласи државен празник за да ја прослави победата на земјата, која стана првата африканска нација што триумфирала на една ваква трка.
Претседателот Дума Боко го поздрави златниот медал како историска африканска победа, а за државен празник го одреди понеделник, 29 септември, еден ден пред денот на независноста на земјата.
„Ќе им кажам на сите дека природните дијаманти на Боцвана не се само во земјата, туку се и нашите спортисти светски шампиони“, рече претседателот, зборувајќи од Њујорк каде што присуствува на Генералното собрание на ОН.
Боцвана заврши на петтото место според бројот на медали во генералниот пласман, што е нивен најголем успех до сега. Пред нив се САД, Кенија, Холандија и Канада.