Интервју на капитенот на македонскиот тим 3х3

За опрема и патувања ни помагаат пријатели, а целта ни е да го освоиме турнирот

Живко Манасиевски, Петар Петровски и Кичо Ристов се членови на екипата „Баду тим“, а капитен им е Ивица Глигоровски кои нè запознава со единствената македонска екипа по баскет 3х3 регистрирана во ФИБА и нивните учества на турнири.

3х3 – Колку време постои Вашата екипа и на кои турнири учествувала?

Ивица Глигоровски - „3х3 екипата „Баду тим“ постои скоро 6 години, ние сме единствената македонска екипа регистрирана во ФИБА. По освојувањето на турнири организирани на нашата територија, добивме право, т.н. тикет да учествуваме на Челинџер турнир во Романија. Тоа искуство не може да се опише, игравме против најдобрите европски екипи кои што се меѓу најдобрите и во светот.“

3х3 – Каков е квалитетот на нашата, во споредба со другите екипи, во регионот?

Ивица Глигоровски - „Првото место на таков Челинџер ти обезбедува парична награда и тикет за Мастерс турнир, што е врвот во 3х3 баскетот. Ние, сепак, сме далеку од таков резултат во моментов. Во регионот најдобри се екипите од Србија. Таму има 32 турнира годишно, конкуренцијата е пеколна. Од тој квантитет, произлегува квалитетот. Учествувавме на неколку српскитурнири и најчесто губевме тесно, до 3 поени, од далеку подобро рангираните екипи од нашата.“

3х3 – Како обезбедувате финансии за учества на турнирите и каде тренирате?

Ивица Глигоровски - „Немаме некаки средства или спонзори, што би ни овозможиле професионално занимавање со овој спорт, иако тоа е нашата идеја. Имаме пријатели кои што се ентузијасти како нас, кои што ни помагаат да ја обезбедиме потребната опрема и да патуваме на турнирите во регионот. Во летниот период по цел ден сме на терените низ Скопје и Македонија и мислиме само на баскет. Тренираме на теренот под мостот во Ѓорче Петров.“

3х3 – Како го рангирате претстојниот турнир што ќе се одржи во нашиот главен град?

Ивица Глигоровски - „На Македонија и недостасуваат турнири со сериозна организација, од кои што би произлегле квалитетни 3х3 баскет екипи. Претстојниот турнир во Скопје, на 15-ти и на 16-ти септември, е најсериозниот до сега, организиран кај нас. Со самото тоа што е во календарот на ФИБА, се е јасно, ова е друга приказна. Нашата цел е да победиме на овој турнир, иако екипите што се пријавени се екстремно силни.“

За баскетот во Градски парк

31 август 2017 - 18:23