Еден од најдобрите универзалци во НБА кој може да покрие неколку позиции се договори со неговиот Милвоки Бакс да остане во нивниот дрес во следните четири години.
Јаху Спортс прв објави за договорот меѓу двете страни што го направи грчкиот репрезентативец само третиот Европеец после Марк Гасол и Николас Батум со договор вреден 100 милиони долари.
Антетокумпо минатата сезона во просек постигнуваше по 16,9 поени, 7,7 скока и 4,3 асистенции. Минатата сезона беше трета по ред во НБА за Гркот. Тој, заедно со Џабари Паркер важат за играчи кои ќе треба да го изнесат најголемиот товар на Бакси во новата сезона.
Антетокумпо во НБА дојде преку драфтот во 2013. година кога беше 15-ти пик. Минатата година Милвоки не се пласираше во плејофот што беше изненадување со оглед на одличната серија во сезоната 2014/2015. Антетокумпо лани стана првиот играч во историјата на Милвоки Бакс со пет трипл-дабл учиноци во една сезона.
Нивниот тренинг камп во пресрет на новата сезона почнува следната недела во Медисон, Висконсин.
„Во мојата четврта сезона во НБА, мојата улога ќе биде многу поголема. Време е да го поведам тимот кон повисоки дострели“, изјави Антетокумпо неодамна.