Златко Далиќ, прв селектор со 100 меча за Хрватска

Осум години. Сто натпревари. Три медали за хрватскиот фудбал. Тоа е успехот на човекот кој во 2017-та изјави: Сакам само да одам на Светско првенство со Хрватска.

Само Златко Далиќ знае што мислел кога пред 8 години возеше од Сплит до аеродромот во Загреб за да го преземе националниот тим. Но сигурно не замислувал вакво сценарио: 

Светски вицепрвак на Мундијалот 2018-та, трет во свет четири години подоцна во Катар и второ место во Лига на нации 2023-та. 

Или во превод три медали на градите за него и фудбалерите кои ги поместија границите на хрватската фудбалска репрезентација.

Зад неговото име ќе останат запишани едни од најголемите натпревари во историјата на хрватскиот фудбал. Ги демолираше поранешните светски шампиони Бразил, Аргентина, Англија, Франција...

Синоќешното гостување против Чешка (0:0) му беше јубилеен натпревар број 100 на кои стигна до скор од 50 победи, 26 нерешени и 24 порази.

Стана селектор на 7 октомври 2017-та и стигна до 8 годишен стаж, без никој да има право да му ја украде функцијата.

Ја презеде златната генерација на Хрватска која се најде на раскрница после бледото реми со Финска во Ријека, со кое значително им беа намалени шансите за директен пласман на СП 2018 во Русија.

Дојде на местото на Анте Чачиќ и стана прв, а веројатно и последен хрватски тренер кој беше претставен на аеродром.

„За Хрватска би одел пеш било каде. Ја презедов репрезентацијата од чиста љубов кон Хрватска и желба да направам нешто. Само сакам со неа да одам на Светското првенсто. Свесен сум за ситуацијата во која се наоѓаме, но не се плашам од ништо, подготвен сум на сè. Верувам во силата на оваа репрезентација. Знам дека нема да биде лесно и јасно ми е дека ме чека тешка работа, рече Златко Далиќ, во 2017-та пред дебито против Украина во Киев.

„Селекторот на репрезентацијата прво мора да биде тренер кој ќе ги спреми играчи ментално, бидејќи е различно од клуб. Далиќ имаше квалитет да му пристапи на тимот на вистински начин, а ние бевме подготвени да направиме сè за него. Неговата најголема сила е обединувањето на играчите и отстранувањето на егото. Славен Билиќ беше многу блиску до тоа, но Златко е посебен поради неговата љубов кон Хрватска“. изјави Иван Ракитиќ.

Далиќ имаше и среќа да ја води најсилната генерација во која внесе тимска игра, победнички менталитет и хемија. Целосно го заслужува епитот на легенда, а за малку ќе ги направеше и светски првари. 

10 октомври 2025 - 15:28