„Le Iene“ е една од најјаките емисии во Италија со уникатен пристап на новинарите. Обично прават комични епизоди, но последната е поинаква од сите други.
Му одат во Шведска на Свен Горан Ериксон кој има 75 години и кој открива дека го има истиот тип на рак што го имаше Џанлука Виали, а тоа е на панкреас.
И покрај тоа што е свесен за проклетата болест, ги пречекува ведар иа насмеан. Им го покажува погледот од соба, базенот, теренот за тенис, првите чевли со кој шутирал топка. Има закачено слики од многу играчи и колеги, а меѓу нив истакнува двајца:
„Имав чест да го тренирам играчот со најсилна левица во светот, а тоа е Михајловиќ, како и најсилната десница, а тоа е Бекам“.
Потоа водителот му вади италијански продукти и му спрема паста карбонара, а за време на готвењето прават муабет за фудбал, но и за ракот. Ракавиците во кујна му се со амблемот на Лацио.
„Туморот што го имам или ќе се влоши или не. За сега сум добар. Го имам истиот како на Виали, а тоа е на панкреас. Ми го открија откако се онесвестив дома. Се работи за тумор кој не може да се лекува или оперира и ти доаѓа како шок. Ако мислиш секој ден и секоја минута на него, ќе полудиш. Не мислам многу на него и тоа функционира. Сакам да живеам долго, ама не во ментална мизерија. Убаво е надвор, убав е животот нели? Јас сум среќен, го работев тоа што го сакам. Гледам по 5-6 меча за викенд, а доаѓа кај мене и татко ми кој сега ќе полни 95 години. Верник сте? Се надевам дека има нешто горе. Не сме дојдени уште до 90-та минута“.
Фудбалот му е сè во животот, вели дека е како дрога. За најјак играч на сите времиња го смета Марадона, а од актуелните Меси, Роналдо и Халанд.
„Се сеќавам кога како тренер на Фиорентина го победив Марадона во Куп кога играше во Наполи. По мечот ми дојде од зад грб и ми рече: Честитки, но во недела, друга ќе биде музиката. Така и беше, 5:1 не победија“.
Зошто толку те сакат во Лацио?
„Им донесов 7 трофеи. На кои играчи се сеќаваш? На сите“.
Каква личност е Мурињо?
„Мене ми се допаѓа. Некој совет за него? Не му требаат него совети“.
„Голем дел од играчите кои ги трениравте во Лацио станаа тренери: Манчини, Инѕаги, Станковиќ, Симеоне, Неста, Консеисао. Какви совети им дававте“, го прашува новинарот.
„Во италијанскиот фудбал ако не си тренер на Милан, Интер или Јувентус да освоиш Скудето е голема работа. Жалите за нешто? Можевме да освоиме Скудето и една година претходно“.
На крајот од гостувањето, следува најголемото изненадување за Свен, а тоа е прекрасно емотивно видео снимено во негова чест кое ги расплака и него и водителот.
Пораки со поддршка му праќаат навивачи на Лацио, потоа двајцата претседатели на клубот, актуелниот Лотито и Крањоти од негово време, а на крај оние од неговиот легендарен состав од титулата 2000-та, кои топло го поздравија и го расплакаа.
Целото видео снимено во домот на Ериксон кое вреди да се погледне го имате тука.