И покрај познатата и докажана стратегија за калење "деца" која најчесто ја практикуваат Ајакс и Арсенал, се чини дека во овој зимски преоден рок најинтерсни на пазарот за купување фудбалери се оние кои веќе ги бројат последните мигови на теренот. Неколку звучни имиња кои се пред пензионирање, многу лесно може да се случи да ги видиме во нова авантура која ќе им започне овој месец.
Највозрасен од сите кои се нудат на пазарот, но и најпосакуван е Дејвид Бекам. Доста занимлива беше веста која за кратко време ги заобиколи светските медиуми дека дури 11 клубови доставиле понуда за неговите услуги. 37 годишната ѕвезда која за пет години престој во Лос Анџелес Галакси заработи 250 милиони евра, има можност повторно да се офајди.
Најпримамливата понуда за него пристигна од Катар каде за две години би заработил 20 милиони фунти. Таквиот потег на Шеиците беше протолкуван и како маркетинг стратегија на земјата домаќин за СП 2022 година, која во наредните неколку години ќе се обиде да носи звучни имиња со кои ќе го крене својот рејтинг.
Второто звучно име за кое често пати се пишува во весниците е Дидие Дрогба, најплатениот играч во Кина со неделна плата од 200 илјади фунти. Иако е само шест месеци дел од Кинеската лига, постои голема можност 34 годишниот напаѓач на Брегот на Слоновата Коска да се врати од Европа. Една од можните дестинации која се споменува е актуелниот италијански шампион Јувентус.
Голема битка се води и за неговиот поранешен колега во Челси, Френк Лампард кој исто така има 34 години и можно е пред крајот на кариерата да му се случи уште ново клупско искуство. Од Италија пристигна информација дека Лацио му нуди 3 годишен договор од 2,5 милиони евра по сезона, а пред само неколку дена Сер Алекс Фергусон изјави дека одлична замена за Сколс би било доаѓањето на плејмејкерот на европскиот шампион.
Од големите европски екипи кои се засилија со ветеран е тимот на Интер кој изненади со купувањето на Томазо Роки од Лацио. 35 годишниот Италијанец кој го преседе првиот дел од сезоната во Серија А на клупата за резерви, не му беше ниту прва замена на Мирослав Клосе.