За Ајнтрахт Брауншвајг веќе почнаа да се редат шеги во Германија, а тоа е дека се најслабата екипа во историјата на Бундес лигата која не успеала да победи ниту еднаш по првите 7 кола и дека нема триумф во ова натпреварување веќе 28 години.
Но кризниот период за клубот стар 117 години се чини заврши затоа што овој викенд тие триумфираа на локалното дерби против Волсбург со 2:0 и тоа на гостински терен.
На тоа му претходел голем притисок врз играчите и тренерот кои за време на еден од тренинзите минатата недела се соочиле со околу 500 навивачи кои жестоко протестирале и со погрдни зборови го проследиле нивниот тренинг.
Тренерот Торстен Либеркнехт се налутил и наредниот ден пратил видео аналитичар кој го шпиунирал отворениот тренинг на Волсбург, клуб кој е оддалечен на само 25 километри. Резултатот на крај бил исплатлив затоа што Ајнтрахт прослави победа во Бундес лигата по точно 10.353 дена или поточно по 1 јуни 1985 година. Разочарувањето на Волсбург е повеќе од очигледно.
„Се чувствувам посрано затоа што знаеме што значи овој натпревар", рече голманот на Волсбург, Диего Бенаљо.
„Загубивме натпревар кој не смееше да дозволиме да го загубиме. Ова е огромно разочарување, посебно за нашите навивачи. Со ова треба да живееме во наредните 6 месеци", изјави спортскиот директор на клубот Клаус Алофс.
Германските медиуми пишуваат дека фудбалерите на Волсбург биле толку сигурни дека ќе триумфираат на ова локално дерби, што човекот кој ги најавувал составите за малку ќе извадел табела пред стартот на мечот со впишани нови 3 бода за домаќините.
Инаку Ајнтрахт Брауншвајг е клуб со сиромашна историја и еден од основачите на Бундес лигата во 1963 година. Единствениот пехар го подигнале токму на ова натпреварување 4 години по оформувањето на лигата.
Брауншвајг бил дел од Бундес лигата се до 1985 година, а од тогаш се натпреварувал во помалите лиги во Германија. Ова е впрочем нивниот кам бек во првата германска лига по 28 години па затоа можеби и се претерани шегите на сметки на клубот кој од пред само два месеци е повторно во елитното бундеслигашко друштво.