Изненадувањето во Шпанија кое е лидер на табела по 36 години

По првите две кола им дадоа 4 гола на Валенсија и 5 на Гранада, а за да постигнат 9 гола лани им беа потребни скоро 3 месеци. За титула кладилниците им даваат коефициент 1.000, а не 5.000 како на Лестер. Навивачите се шегуваат дека барем името им е полесно за изговор. Лас Палмас.

Ако не знаете каде поточно се наоѓа Лас Палмас, потсетете се на Канарските острови на северозапад од Африка каде е рај за летен одмор. Главен град на овие славни острови е токму Лас Палмас, инаку најголемиот град кој припаѓа на ЕУ, а кој е надвор од Европскиот континент.

Има 383.000 жители, 67 годишна фудбалска историја и ниту еден трофеј. Само две втори места, едно во Ла Лига (1968/1969) и едно во Копа дел Реј (1977/1978). За да се искачат на лидерската позиција им требаше 36 години.

Претходно таму беа во третото коло од сезоната 1978/1979 кога беа под водство на Мигуел Муноз кој откако освои се, најмногу со Реал Мадрид, го водеше Лас Палмас и кариерата ја заврши со Шпанија по ЕП 1984.

Сега Лас Палмас е во рацете на Енрике Сетиен, 57 годишен стратег кој тренерската кариера ја почна во Расинг Сантандер пред 15 години. Дојде во клубот пред 10 месеци откако минатата сезона Лас Палмас се врати во првата лига по пауза од 13 години.

Го водеше Пако Херера, кој имаше ужасен старт од само 5 бода по првите 8 кола. Раководството на клубот му се заблагодари и на негово место го стави Сетиен кој 6 години го водеше Луго.

Тој донесе свежина и во првиот дел од сезоната го држеше Лас Палмас на 3 бода до опасната зона. Потоа му одеше се подобро и на 3 кола до крајот на сезоната имаше обезбеден опстанок на 11-то место. Располагаше со дури 16 играчи родени на Канарските острови.

За оваа сезона заслужи и по некое интересно засилување, како на пример славниот Кевин Принц Ботенг, хрватскиот напаѓач Марко Ливаја, поранешен играч на Интер, Аталанта, Рубин Казан и Емполи и бразилскиот бек Мишел Маседо кој дојде од Алмерија. Го земаа и младиот стопер од Уругвај, Маурисио Лемос кој беше на радарот на Барселона.

Боатенг веќе им покажа кој е и постигна два гола кои ги посвети на загинатите од земјотресот во Италија. Со тоа влезе во друштво на само петмина играчи кои успеале да станат стрелци во Ла Лига, Премиер лигата, Бундеслигата и Серија А.

„Со Гранада не постигна гол со глава, туку со душа“, изјави Сетиен

Според правилниот на лигата, Боатенг е казнет со 3.000 евра, пари кои според коментарите на твитерџиите треба да одат во хуманитарни цело во Аматриче, најпогодениот град во Италија. На идејата се приклучи и сопругата на Боатенг.

Лас Палмас летово се поздрави со легендарниот Хуан Карлос Валерон кој отиде во пензија на 40 години. Остави најголем белег во кариерата како играч на Депортиво Ла Коруња каде играше 13 сезони, но роден е на Канарски, а кариерата ја почна и ја заврши во Лас Палмас.

Неговиот број 21 го зема Џонатан Виера, за кој велат дека технички е најдобро спремен, роден е на островите, а желбата му е да стигне до репрезентација. Во клубот има и ветерани како Момо и Давид Гарсија. И двајцата имаат по 34 години, а вториот е таму 14 сезони.

Лас Палмас во моментов има најдобар напад или поточно 9 гола, колку Атлетико, Виљареал, Алавес, Атлетик, Осасуна, Леганес и Депортиво заедно. Пред една година за да постигнат 9 гола им беа потребни скоро 3 месеци или 11 меча.

„Ние сме новиот Лестер и со респект кон Англичаните имаме многу полесно име за изговарање, никој нема да не промаши“, се шегуваат навивачите.

Шансите за освојувањето на титулата според кладилниците е 1.000, а во следно коло играат против Севиља. Ако Лас Палмас ги победи Реал Мадрид и Барселона, тогаш ќе веруваме и во шпанско чудо. Ако не, тогаш нека се обидат барем да им пркосат на поголемите екипи од нив, како што направија во првите две кола.

10 септември 2016 - 10:02