Манчестер Сити и официјално објави дека се договорил со Борусија Дортмунд за преминот на Ерлинг Халанд во премиерлигашот. Останува уште да се допрецизираат некои детали со Норвежанецот.
Светската јавност неколку пати го видела Халанд во дрес на Манчестер Сити. Како мал носел дрес од Сити од сезоната 2008/2009.
Тогаш во нападот на „граѓаните“ играа сега веќе култните Валери Божинов, Жо, Бенжаним Мварувари, Крег Белами, Фелипе Кајседо, Даниел Стариџ и Дариус Васел. Далеку од денешниот страшен состав на Сити, но пак во тоа време одличен напад.
Но интересно е дека прв англиски клуб кон кој Халанд имал симпатии бил Лидс Јунајтед. Во летото 2000-та татко му Алф Инге Халанд за 2,5 милиони фунти преминал од Лидс во Манчестер Сити. Ерлинг се родил токму во Јоркшир.
„Сон ми е да освојам Премиер лига со Лидс“, рекол еднаш Ерлинг на млади години за норвешкиот весник Aftenposten. Кога наполнил 18 години Лидс Јунајтед се распрашувал во норвешкиот клуб Молде какви се шансите „да го вратат дома“, но Халанд тогаш се реши за богатиот Салцбург кој игра редовно во еврокупови.
Навивачите на Лидс биле воодушевени кога излезе фотографија на кој се гледа како Халанд носи шорцеви од нивниот клуб.
Но навивачите на Манчестер Сити имаат поголема причина да се гордеат дека најголемата млада ѕвезда уште од најрана возраст носел нивна опрема. Има фотографија на која постариот брат на Халанд, Астор, го држи Ерлинг во раце додека двајцата се облечени во дрес, шорцеви и штуцни од Манчестер Сити.
Татко им Алф Инге во Сити играл цели три сезони.
Браќата Халанд имаат и сестра - Габриел. И таа има фотографии во дрес на Манчестер Сити додека браќата се облечени во дрес од репрезентацијата на Англија.
Па и кога пораснале, не им се смениле реквизитите:
Татко им Алф Инге по крајот на кариерата се вратил со семејството во норвешки Брине, ветровит и дождлив град во западна Норвешка. Таму Ерлинг на 5 години тренирал фудбал со уште четириестина други деца од академиите на поголемите клубови.
Ерлинг на едно видео се гледа во дрес на Балотели додека играше во Сити.
Во 2014-та година семејството дошло на „Вембли“ да го гледа Манчестер Сити во финалето на ФА Купот со Сандерленд. Со головите на Јаја Туре, Самир Насри и Хесус Навас Сити го освои Купот.
Во ноември 2017-та Ерлинг Халанд во друштво на татко му го гледал домашниот меч на Сити во Лига на шампиони против Феенорд. За „граѓаните“ таа вечер дебитираше најмладиот дебитант во нивната клупска евро-историја, Фил Фоден.
Во сезоната 2020/2021 Халанд беше на Етихад како играч. Борусија Дортмунд се падна со Манчестер Сити во четвртфинале на Лига на шампиони. Камерата во подтрибинскиот простор го уловила Норвежанецот кога на Џуд Белингем му рекол дека стадионот е прекрасен.
Едно време постоела и норвешка фан група за Манчестер Сити на Фејсбук и Халанд бил член но излегол поради тоа што медиумите почнале да го поврзуваат со нов трансфер.