Во сина маица, шорцеви, патики и наочари за сонце, во редот пред месарницата Ла Качота застана и едно познато лице, уште пославно после 11 јули. Tоа е Роберто Манчини, човекот кој го врати фудбалот во Рим, што би рекол Бонучи.
Инаку локациски тоа е во Јеси, мало место со околу 40.000 жители во регионот Марке кој излегува на Јадранот. Таму во 64-та е роден Роберто.
Фотографијата со човекот кој и го обели образот на посрамотената Италија пред три години и ја вивна до него, стана популарна поради нејзината едноставност. Сите чекаат ред за месо, ќе чека и тој, без разлика што е Манчини.
Италијанскиот селектор дел од слободните денови ги користи да ги посети неговите родители за кои излегол да испазари. Мајка му Маријана има проблем со коленото, а татко му Алдо правел операција на срцето.
„Морам да мирувам, роден сум 1935-та и натпреварите ги гледам на тв. Всушност, финалето на Вембли на сите ни даде повеќе отчукувања на срцето. Ама кажете колку беше убаво?“, вели таткото на Манчо за неделникот Дипју.
Кориере пишува дека комбинацијата Манчини и Марке е опасна и поентира со следниве бројки. Во овој регион имало 10.000 барања повеќе за информации во овој период, а туризмот драстично се подобрил со зголемување на БДП-то од 1,1 милијарда евра.
Инаку откако Роберто купи месо за неговите, седна да се види со другарите од детство и направи гужва пред кафулето.
Како беше во Марке на 11 јули.