Ете така изгледаше воведот за ова момче кое не ни е многу познато од фудбалските терени, но интересно е да поднапишеме малку за тоа како е поврзан со волку различни земји од светот кои не се памтат од едно читање.
Се работи за Џонатан де Гузман кој дошол на овој свет благодарение на љубовта помеѓу извесен Боб од Филипините и Паулина од Јамајка. Роден е во Скарборo, Канада 1987 година, а има и постар брат, Џулијан кој настапува за грчкиот клуб Ксанти.
И двајцата уште од детството покажале дека се талентирани за некој спорт па татко им ги запишал на кошарка. Но откако погрешил со одлуката поради тоа што не биле доволно високи, ги пратил да тренираат фудбал.
Браќата Де Гузман веднаш се заљубиле во фудбалот и секој ден по завршувањето на школските часови веднаш се фаќале за топката и тренирале, но со оглед на малата популарност на овој спорт во Канада биле едни од ретките кои толку често играле фудбал.
Почетоците им биле во младинската школа на Норт Скарборо и за да се докажат и покрај тоа што се уште биле ученици, тренирале по 6 пати неделно. Упорноста се исплатела, па така Џулијан преминал во младинската школа на Олимпик Марсеј, а по некое време Џонатан на 12 години станал дел од младинскиот погон на Феенорд.
Среќниот Џонатан на кој му се исполнила желбата да замине во Европа по стапките на постариот брат, дебитирал на 18 годишна возраст за сениорскиот тим на Феенорд, а по само десетина дена го постигнал и дебитанскиот гол.
Веќе следната сезона 2006/2007 од клубот си заминале Дирк Кајт кој преминал во Ливерпул и Саломон Калу во Челси, а од Џонатан се очекувало поголем придонес со оглед на поголемата шанса која ја добивал во првиот тим, но тоа всушност за него претставувало голем притисок.
„Имав само 19 години и бев премногу млад. Се уште тешко се носев со големиот притисок, но без разлика на тоа созреав многу таа сезона во која завршивме на седмата позција во првенството", вели Џонатан Де Гузман.
Потоа Феенорд се засилил со Џовани ван Бронхост и Рој Макај, а Де Гузман покрај двајцата искусни колеги стекнал поголема самодоверба. Тренерот Ван Марвијк го преместил на десната напаѓачка линија и таа сезона постигнал 9 гола на 33 меча.
Квалитетите на младиот Џонатан биле забележани и од скаутите на Манчестер Сити кои успеале да постигнат договор со неговиот менаџерски тим за сума од 10 милиони евра, но од Феенорд не му дозволиле да си замине.
Покрај пропуштената шанса во Сити, поради тешка повреда не заминал ниту во Челси или Валенсија кои се заинтересирале за неговите услуги па следната негова дестинција била Мајорка. Стартувал одлично на деби мечот и тоа против Реал Мадрид кој завршил без голови.
По една сезона мината во Мајорка, Џонатан преминал во Виљареал каде е член и денеска, а како позајмен фудбалер настапува во Премиер лигата, но не за „Граѓаните", туку за Свонси каде стигна до пехар во Лига Купот. За селекцијата на Холандија дебитираше во март оваа година на пријателскиот меч против Италија.
Џонатан долго време размислувал дали да го прифати позивот од репрезентацијата од Холандија затоа што имал голема желба да настапува заедно со својот брат во националниот состав на Канада. Двајцата родени браќа се уште градат кариери во Европа, но немаат можност да настапуваат заедно за земјата од каде што потекнуваат.