17 причини поради кои Манџукиќ стана миленик во Јувентус

Четврта сезона е во Јуве, ама го засакаа како да е 10. На страна искуството и клучните голови против ривалите од горниот дел на табелата. Старата Дама има вистински борец кој гине за секоја топка и плус го има секаде на терен, без разлика што е робусен шпиц.

1.ОДНОСОТ СО АЛЕГРИ

Масимилијано Алегри ќе ви каже дека е извонреден, физички јак, великодушен и други карактеристики за него кои се очигледни. Но ако го прашате кои се вистинскиte причини зошто го почитува ќе ви одговори дека е технички многу спремен. Со тек на време Макс научи како да се справи со грубиот карактер на Марио. Исто така и ова e една од причините зошто одлучи да пушти корења во Торино, а размислува и за продолжување на договорот.

2.ПОВЛЕЧЕН, АМА ВИЦКАСТ

Оди викни го Марио да држи говор. Шанси нема, на бината ќе настане молк, се шегуваше Андреа Ањели за време на божиќната забава на клубот. Не само што не сака да зборува, туку не сака и да го вознемируваат. Приватниот живот со Ивана му е запечатен. Инаку на само со играчите знаеше многу да го ремети Азамоа.

3.NO GOOD?

Долго време за навивачите тој беше само "Mr No Good". Сепак самиот на терен со своето залагање докажа дека грешат.

4.НОВИ НАВИКИ ПО КАЗНАТА ОД 10.000 ЕВРА

Во времето кога играше за Волфсбург, Феликс Магат го казнил бидејќи не се враќал доволно назад. Ја платил казната и потоа станал друг.

5.ПРЕЦИЗНОСТ

Сè се сменило кај него после таа казна. Инаку Марио учел занает за плочкар, а на терен така прецизно знае да се позиционира, исто како да реди плочки.

6.ВТОРА СТАТИВА

Манџо знае да му се појави на противникот зад грб како убиец. Се крие како под сенка, а потоа наеднаш се појавува и го притиска бекот. Прашајте ги Марио Руи, Азамоа, Родригез и Сантон, тие ќе ви потврдат.

7.ОПАСЕН ОД ПРЕКИНИ

Италијанците велат „Un gigante tra i giganti“ или гигант над гигантите. Ги надскокува сите и максимално ја користи силата. Кога има корни, секогаш се мести да ја забие Киелини, но Марио доминира во шеснаесет.

8.ДЕФАНЗИВА

Ќе даде гол, ќе истрча колку треба, а кога е потребно со тој физикус ќе застане да игра и како стопер. На крајот на краиштата, зборуваме за играч кој би го посакал секој тренер.

9.КАПИТЕН СО СВОЈ СТИЛ

Тој не смета дека треба да зборува додека игра, туку се крие во тишината. Капитенската лента му дава уште поголема моќ.

10.ЧОВЕК ЗА СÈ

Марио можеш секаде да го видиш на терен, по лево, по десно, на средина. Се работи за многу прилагодлив играч кој лесно се трансформира на терен.

11.ТЕШКИ ГОЛОВИ

Колку е мечот поважен, толку повеќе ја врша работата во напад. Екипите на Анчелоти, Гатузо, Спалети и Ди Франческо го осетија тоа оваа сезона.

12.ВО ТАНДЕН СО РОНАЛДО

Не е во никој случај во сенка откако дојде португалската супер ѕвезда. Напротив игра како подмладен. Плус има уште една работа. Кога дефанзивците му се пуштаат на петкратниот освојувач на Златната топка, оставаат многу простор за Марио. Заклучокот е дека се непријатни во тандем за секој одбрана.

13.ТЕТОВАЖИ НА БОРЕЦ

На неговото шарено тело има од сè по нешто: молитва на хрватски, зодијак, топка. Експертите пред сè му го забележаа крстот на раката. Нема друг центарфор кој се жртвува повеќе за тимот.

14.КОМАНДАНТОТ ЛЕНИ

Куќата на Марио е на првиот рид во близина на замокот на Монкалиери. Таму господар не е тој, туку симпатичниот Лени кој по раса е боксер. Скоро за роденден му купи огромна торта. Ако некој гостин не му се допаѓа на Лени, нема повеќе да му стапне во двор.

15.СО МИСЛИТЕ ВО ХРВАТСКА

Марио Манџукиќ ја напушти репрезентацијата со долго и емотивно писмо, а насловот му беше: „Хрватска ми беше најголемата гордост“.

16.ПРЕДИЗВИКОТ КОЈ МУ ОСТАНА

Заминувањето од репрезентација значи дека му остануваат последните клупски предизвици. На 32 години посакува секој грам енергија да го насочи на последниот предизвик. Лига на шампиони.

17.СИМБИОЗА СО НАВИВАЧИТЕ

„Меѓу луѓето и војниците“, напишаа навивачите на трибина кои никогаш претходно не посветиле кореографија за него. Оваа беше прва за нивната омилена 17-ка.

28 декември 2018 - 15:24