Видео

Нешто ќе те питам ЧетГПТ, право да ми кажеш

Факат имаме пријател кој пред да седне со ЧетГПТ за нешто поозбилно, прво му поставуваа серија прашања на тема како да стане богат, пребогат, брзо, преку ноќ, без да се мачи, со нула инвестиции и нула ризик. Логиката му е, што го знаеш, може некој ден стварно ќе каже нешто! Не му се смееме. Се имаме ние смеено на многу глупи идеи па после испаднало дека ние сме глупите.   

Не би не чудело сомнежот да е на место

За безрезервна осуда е она што Хамас го направија на 7-ми октомври кога упаднаа во Израел и извршија страшни злостворства врз невини луѓе. Но, Басем Јусеф поставува логично прашање: Сакате да кажете дека семоќниот Мосад, оној Мосад кој може да постави експлозиви во илјадници пејџери, туку така бил просто изненаден? И после ги оставил крвниците цели шест часа да прават масакри? 

Најмногу му помагаш кога не му помагаш

Ако не може од прва само да јаде, му ставаш храна во устата. Ако не може од прва да облече патики, му ги облекуваш (со години). Ако не може само да напише домашна, му ја пишуваш домашната (со години). И така натаму, и така натаму. Добро, може така. Ама може и понаку. 

Меџик и синчето

Кошаркарската легенда кој цели 33 години успешно живее имајќи ХИВ, Меџик Џонсон, е милијардер. Една пол, две, три милијарди долари... има различни проценки на неговото богатство. Се шпекулира дека 65 годишниот Џонсон има решено сето свое богаство да го донира на фондации кои се бават со истражување на АИДС. А има син. Е, баш затоа.  

Глупи генијалци

Кога генијалниот Боби Фишер викаше дека не ги сака колегите шахисти бидејќи ги смета за ограничени и фокусирани на меморизирање потези и комбинации, го препишувавме тоа на неговата екстравагантна пруирода. Глејде сега ова.  Хикару Накамура, Каруана и Аронјан одговараат на базични прашања од општа култура, отприлика за петто одделение. Ка-ме-ња! Да не знаеш знак за јаглерод диоксид, да мислиш дека Мона Лиза ја насликал Пикасо!?

Важно за нас визите уште ги држат

Во 45 училишта во Англија нема ниту едно британско дете. Во 454 училишта бели британски ученици има помалку од два процента. А во малцинство се во едно од четири училишта. Така велат податоците од нивното министерство за образование. Сега оние насекираните од ваквиот социјален инженеринг се прашуваат како деца ќе ја научат британската култура кога бели соученици се исклучок во нивната средина? Ех, како....

Генерација и казна

Татко никако да му објасни на своето дете дека во негово време, кога тој бил мал, најголема казна било да не те пуштат да излезеш надвор, тоест дека мора да седиш дома. На малиот никако не му е јасно во што е казната тоа што треба да седиш дома. За него, вистинската казна би било да го тераат да излезе надвор.

Шибај Кина, не нè чекај

Се возиш со кинески воз кој пичи 350 на саат. Покрај тебе има QR код кој ти отвора листа на ресторани од кои можеш да нарачаш храна. И? И веќе на следната станица, ти ја носат нарачката до седиштето на кое седиш! Со мал твист, на сличен начин можеме да ги искористиме перформансите на македонската железница. Нарачуваш младо вино  и веќе на следната станица те чека - одлежано вино. Always Look on the Bright Side of Life.

Англија ги шури оние кои брзаат

На дечко во Англија бербер му бара 36,5 фунти за шишање. Многу, брате. Решава да не седне на берберската столица туку за 15 фунти да фати авион на Рајан Ер и да замине во стариот крај, во Мароко. Лета три саати и таму се шиша за 1, 6 фунти. Ем се виде со неговите. Сосе сите трошоци за пат, поевтино отколку во Англија. Парадоксот е во тоа - што се врати.

Вајлд картата на Џон Стјуарт

Како за секој што долго е на телевизија и на ачик ги кажува своите ставови за актуелности, и на Џон Стјуарт може доста работи да му се забележат. Но, една работа му дава прочка за сето тоа, што во хистеричните времиња на пандемијата, кога нè убедуваа дека бељата од Вухан ни е дојдена од некој лилјак, знаеше да праша: Добро бе, не ви е чудно што во Вухан има лабораторија за коронавируси?  

Новите Ирци не живеат лошо

„Јас сум сега Ирец“, вели еден сириски мигрант од Јордан кој посакува ирското да му трае цел живот. А како и да не посакува, кога добива 500 фунти секоја недела а наскоро ќе добие и бесплатно дома за него и неговото семејство. Со нив, пред девет месеци дошле уште девет фамилии а после уште триесет. Патем, во Ирска има 15.000 бездомници.

Тажачка за дехидрираните

Oсвен што долго трае, рекламата за водата Студена (Агенција Огилви) е паметна и духовита, со добра нарација, апсурдистички хумор, фолкорна и јасно автоирочна, пишува Миљенко Јерговиќ. Токму во последната карактеристика тој го гледа највредното во неа, бидејќи Хрватите, спремни да тераат мајтап со други, никогаш не научија истото да го прават и на своја сметка. Дури ни Крлежа.

Седум години без Оливер

Вела Лука на островот Корчула повторно беше место за сеќавање на Оливер Драгојевиќ, неповторливиот интерпретатор чиј глас го носеше песокот, морската сол и душата на Далмација. Концертот „Траг у бескрају“ траеше преку два часа и во него уживаа и 30-тина илјади луѓе публика и оние кои се качија на бината за да му оддадат почест на адмиралот на хрватските вокали.   

Љубомора во прогресивно руво

Американската актерка Сидни Свини сними реклама за фармерките American Eagle. Згодна девојка во фармерки е сосема доволен повод врескачите да почнат со нивните смртно досадни тиради за „сексуализација и објективизација“. Но, овде и дополнително беа штрецнати заради играта со зборови и истозвучноста на зборовите „jeans“ и "genes" па се развикаа за расизам, нацизам, еугеника... Грдите не трпат убаво па тоа ти е.   

Два смо света различита

Видео компилација број 1: Маж пред и после откако ќе си ја види жената/ саканата. Видео компилација број 2: Жена пред и после откако ќе си го види мажот/ саканиот. Има ли разлика? Има, колку меѓу ден и ноќ, меѓу небо и земја, меѓу мажи и жени.

Привилегијата да се правиш жртва

Долго време сме вџашени од епидемијата на транс, воук снегулки и слични нус-појави на ова време и се прашуваме од каде сето тоа меѓу привилегираните (пошто другите имаат други гајлиња во денот освен тоа дали си ги нарекол they/them). Конечно наидуваме на одговор кој ги прави работите појасни. Баш затоа што се привилегирани! Чувствуваат вина поради тоа па наоѓаат секакви начини да се претстават дека и тие се жртви на државата, системот... Камај! 

Планетата има свој пулс

„Пулсот на Земјата“ се однесува на ритмички промени во фотосинтезата што сателитите ги следат користејќи флуоресценција на хлорофилот предизвикана од сонцето - слаб сјај што го емитираат растенијата кој открива колку јаглерод диоксид апсорбираат. Истовремено, ова е показател што укажува на здравјето на планетата.

Ние сме вонземјаните

Човекот е единствено животно на кое му треба заштита од сонце а и човечкиот рбет има мака со гравитацијата. Ова се пар аргументи на идејата дека не сме од овде па природно сме еволуирале според дарвиновите принципи, туку дека сме донесени од некаде и трапосани овде, каде нè оставиле да се снаоѓаме. И затоа мора да носиме облека, да градиме засолништа и вештачки средини, за да може да ја преживееме природната средина која на другите видови не им е проблем.

Хитлер победи

Ова го вика 83 годишната британска актерка Миријам Марголис која е Еврејка. “Хитлер победи затоа што нè направи исти како него“, вели Миријам која признава дека никогаш во животот не бил волку засрамена од своите кои се имаат претворено во геноциден народ кој на други им го прави тоа што нив им било правено.

Газдарица на денот

Ромеро Брито е бразилски уметник кој прави и продава прилично скапи џиџи-миџија во кои комбинира кубизам и поп-арт. Ама, бил во некој ресторан и прилично дрско и понижувачки го третирал персоналот. За тоа дознава газдарицата, го наоѓа уметникот и купува негово парче од 5.000 долари, само за да му го искрши пред нос! Сега Брито има пет бона во џеб ама па сите го знаат дека е сељачиште.

После боцкање има каење

33 годишната Катја отишла на анти-ејџинг процедура кај лиценциран лекар во чија ординација ѝ шибнале шкарт ботокс. „21-от век и ова расипано и болно општество, поединечно ја натера секоја жена да стане дебил,“ со каење признава денес Катја, сета збумбарена и деформирана. „Старејте онака како што е ред и најдете некој што ќе ве сака таква каква што сте.“

Не џабе е сама

Дечково со јак француски акцент махерски ги симнал карактеристиките на оние жени/женски кои толку долго биле соло што станале неспособни да влезат и издржат во врска. Тие ја сакаат идејата да бидат во врска, ама мора ли тој баш и физички да биде присутен? Во нивниот живот, таква женска ти дава улога на посетител на некој музеј. Башка што веќе три години таа спие дијагонално на својот кревет.

Кај нормален бербер и кај воук фризер

Замислете го вашиот бербер, пред да почне да работи на вашата глава, да ве праша: Дали е во ред ако те допрам? - А како инаку мислиш да ме шишаш? - би гласел најверојатното контра- прашање. Е, ама во еден друг универзум, дали е во ред да те допрам е сосема легитимно прашање. Бидејќи без дозвола, може да следува врескање, хистерија, тужба за сексуално малтретирање.... 

Пивнатиот граѓанин Кејн

Орсон Велс најмногу сакал негрони (џин, вермут, кампари) но ниеден алкохол не му беше туѓ, особено ако му носеше пари, што во добар дел од животот му беше една од главните битки. По успехот на првите реклами, со американскиот винар Пол Масон прави договор за рекламирање од  половина милион долари. Не тераа долго бидејќи Велс бааги се опуштал пред снимањето.