Зошто бапските парфеми никогаш не излегуваат од мода

Да наречеш класичен мирис „бапски парфем“ стана толку прифатен момент од разговорниот јазик на тема убавина и козметика, што звучи како безазлен, дури и хумористичен опис. А не е ни едно, ни друго.

Терминот е во најдобар случај неточен, во најлош - ејџистички. Го слушаме од продавачи, божем „не сакате стар мирис, многу е тежок, силен, нешто е.“ Го читаме во едиторијали, обично под некое оправдување од типот „без гајле, новиов не е таков“.

Што и да наречеш „бапско“, импликацијата звучи негативно. Никој нема да каже како најновиот, најмодерен парфем мириса како Баба, или дека најновиот пролетен тренд е Баба. И ако некој кога ќе помине покрај тебе ти рече „Еј, мирисаш на баба“, веројатно не ти дава комплимент.

Но сепак, што значи „бапски парфем“? Терминот се користи за парфеми излезени од 1920-те до 1980-те.

Најпознатиот е веројатно Шанел бр. 5, излезен пред еден век. Главните состојки се синтетички алдехиди кои во тоа време беа невидена работа, плус пудрестиот сапунест мирис што сме го научиле. Слични профили имаат Герлан Шалимар, Ив Сан Лоран Опиум и Нина Ричи Л‘Ер ду Тон. И нив ги викаат „бапски“.

Уште еден заеднички атрибут е што, во нивната оригинална ера, мирисите биле постојано реплицирани, во свеќи, освежувачи на воздух, сапуни, детергенти и други домашни производи, а во некои случаи, мирисот дефинирал и генерација. Сакате да ви мириса на ‘80-те? Шприцнете Опиум.

Денешните бапски парфеми се Бакарат Руж 540, Лост Черис и Глосие Јус. Бакарат Руж веќе станува и профил на мирис, затоа што нема продавница што не го продава како свеќа или нешто друго пропратно.

Во меѓувреме, како да се измени и говорот околу стареењето. Уште сме на анти-ејџинг, или конечно ќе признаеме дека всушност, целта е да остареш? Правиме сѐ што е во наша моќ да живееме подолго и фала богу, се промени и дискурсот околу негата на кожа - од магично бришење ситни брчки до нудење пореалистични очекувања. Ептен сме на почеток, ама идејата е полека да се тргне стигмата од стареењето.

Само затоа што нешто е направено пред децении, не значи дека повеќе нема вредност. Само еден поглед треба да се фрли на модниот свет и сфаќаме дека винтиџ е многу побарано од ново. Мирисите се длабоко поврзани со сеќавања и носталгија, што веројатно е и објаснување зошто жените сѐ уште се фаќаат за Шанел бр. 5 или Шалимар.

Оставете ги на раат, и онака сите одиме натаму.

19 септември 2022 - 00:01