Водич за облекување за филмски фестивал - за морони

Ова ќе си го ставите во букмарк, ако некогаш сте биле, или планирате да одите на Манаки. Затоа што се преминаа сите граници на пристојност.

Не знам за вас, ама малку ко да здосадува вечно да сме задња рупа на свирало на сите полиња, а? Дел од нашиот народ знае да каже и дека „скурчуе”, ако веќе ви прифали и една вулгарност, во корист на изразувањето фрустрација по ова прашање. Не само што сме назад во секоја општествена конотација, туку и активно некои луѓе како да се трудат да го осуетат и фактот што ете, се трудиме да чекориме рамо до рамо со модно освестениот свет. Залудно некои нови локални инфлуенсери ќе покажуваат дека знаеме да се облечеме, залудно ќе ги даваат своите хонорари, тешко заработени со долги саати поминати со селфи стик (или Инстаграм сопруг) на нови патувања закитени со современи модни парчиња на себе. Доаѓа Фестивал „Браќа Манаки” и ете ти го Македонецот, вечно орен за недоученост. Дали од немање осет за што е прикладно, а што не; дали од сељаштина неумешно скриена зад „индивидуален стил”, и оваа година одредени луѓе го помочаа црвениот тепих по кој чекореле и Кетрин Денев и Клаудија Кардинале и Џузепе Торнаторе, облечени како за слава кај кумашинот и - останаа живи.

Нема тука да ги ругаме сите горенаведени и нивните језиви модни комбинации. Нема потреба, не ни треба уште една шајка во ковчегот на сознанието дека сме вечно назад.

Напротив, ќе видиме како можат луѓето да се облечат, а тоа да биде соодветно за филмски фестивал од светски калибар, а притоа и најискрено ќе ги замолиме тие што во иднина планираат да  се прошетаат до нашиот фестивал, кога веќе не ги разбираат филмовите, барем да побараат помош од некој што разбира мода. Затоа што и онака за уметноста ретко кој оди.

На 44-тиот Филмски фестивал во Торонто се појавија луѓе што или имаат осет, или барем си признаваат дека немаат осет, па бараат помош од професионалци.

Ова е Џејн Фонда.

За сите што мислат дека се премногу опасни и прејаки за обична вечерна тоалета, затоа што „имале стил”, наместо да ви кажеме „кај бе, со фармерките”, ќе ви ја покажеме Џејн Фонда. Ете, жената не носи фустан. А има нозе подобри од тинејџерка во залез, што тренира синхронизирано пливање.

За тие со мерак по фустани:

Ова е Мерил Стрип.

Гледате, фустанот на Мерил Стрип е далеку од свечена вечерна тоалета, и има очила за сонце, што ги носи со ултимејт фраерлук, и НЕ МУ СМЕТААТ на настанот. За информација, така се истакнува персоналити. Ставете тијара. Ставете огромен цилиндар на глава. Не изводете со сељачки комбинации од 2007-ма.

Ова е Натали Портман.

Натали Портман одлучила дека сака свечен фустан. Не направила ладна и не се нашљакала како учителка од прво до четврто во '90-ти, напротив.

Ова е Никол Кидман.

Фактот што овој настан не е од Оскаровски калибар, па според тоа не бара да се облечеш во торта (во најдобрата смисла на зборот), Никол Кидман го упражњава со тоа што одлучува да носи фустан со должина до глуждови и нешто што не е сандала со отворени прсти. Значи опуштањето ви е во деталите. Не во фустанот за плажа.

Ова е Дакота Џонсон.

И ова е Дакота Џонсон.

Дали некаде гледате костимче а ла Јованка Броз, банана-пунџа и недоветна шминка како за на свадба во рурална средина каде што немаат баш толку многу интернет? Не. Затоа што Дакота Џонсон разбира (или некој зад неа разбира) што значи да се дотераш за достоинствен настан во какви што спаѓа и еден филмски фестивал.

Ова е Кристен Стјуарт, специјално избрана за тие, „откачените” што сакаат да бидат посебни и откачени на црвен тепих, наспроти „глупите што едвај дочекале да облечат балска хаљина пошо се глупи, а не се откачени и напредни и модерни како нас.”

Гледате како е фино тоа што го носи? Панталони се, и половината е дури гола, а некако не те тера да се акнеш од ѕид, како што обично те тераат „откачени” комбинации на Манаки? Е, така.

Ова е Скарлет Јохансон.

Со мини-фустан, кој магично успева да не биде како за на плажа. Со храброст и посебност прикажана преку бојата на сандалите. Со одмереност преку фризура и шминка. Затоа што Скарлет (или некој зад неа) ја разбира потребата да се истакне на црвен тепих, без притоа да мора да оштети  и да избрука пола нација.

Проблемот кај нас лежи во таа ничим изазвана дрскост и потреба за докажување, без притоа да се има покритие за тоа. 

Кога нешто ти е непозната територија, се информираш. Или ако инсистираш на твоето, па поарно да е ултра јако за луѓето да не ослепат од твојата неинформираност за нешто што и не е така тешко да се сфати. 

Затоа што, нè има и такви што ни е преку глава да седиме назад со вас.

16 септември 2019 - 15:15