Трик со маскара за да се извадиш од работа

Затоа што иде лето, а тебе ти требаат продолжени викенди.

Се разбира никој овде не ве советува да бегате од работа и да бидете неодговорни. Апсолутно треба да давате најмногу што можете од себе, како што тоа го прават вработените во државна администрација кои се и дел од причината што исполнувањето на дневните шалтерски обврски е така пријатно искуство.

Сепак, секогаш е едно незадоволство кога само вторникот или четвртокот е неработен. Отвараш календар да видиш кои денови ќе можеш да избегаш, убедена дека наредната недела ќе одмараш три дена наместо два и го гледаш хоророт: неработниот не е петок, туку четврток. А петок е се разбира многу важен ден кај тебе на работа затоа што еден куп работа ќе завршите како една сериозна фирма и нешто не ви се спојува.

Што ти се прави во случајов? Ти се прави болна. Со тоа што не мораш да глумиш со денови кашлање, рапаво зборување и дување нос на празно.

Можеш да настапиш со трикот со маскара.

Односно, трикот без маскара.

Ви текнува на тој глуп феномен кога луѓето најчесто ве гледаат со шминка, и во еден момент кога ќе ве начекаат без, одма прашуваат да не ви е нешто?

„Што си вака чудна?”

„Да не ти се спие?”

„Нешто да не не ти е добро?”

„Аааа, некој не спиел синоќа!”

„Уморно изгледаш.”

И така натаму.

Штом така, ред е да се искористи. Идејата не е наша (како што рековме, ние сме за вредно работење), туку на Роса Листер од The Cut, и сака да каже:

Не носете маскара неколку дена.

„Знам најмалку четири жени што редовно ја користат оваа техника, со 100-процентен успех. О перфидна жено. О, ти што користиш шминка за залажување на невините. О, идиоти што мислите дека најробусниот индикатор за здравје е во бојата и спремноста на нечии трепки. Се извинувам на сите што го користат триков со години и сега мислат дека сум им ја издала финтата. Без гајле. Ќе функционира. Особено ако шефот е машко.”

Е па, пријатен продолжен викенд наредна недела.

4 мај 2018 - 15:44